Поднесен обвинителен акт против 11 диви копачи на културно наследство

По истражна постапка што се спроведуваше од 13 декември минатата година, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против 11 лица. Според опишаните дејствија во диспозитивот на Обвинителниот акт, сите обвинети го сториле кривичното дело Злосторничко здружување, а првообвинетиот С.Џ. (47) сторил и кривични дела Прикривање, Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи. Петмина обвинети З.А.(39), М.С.(42), Г.К.(45),И.С.(48),и М.Џ.(37), освен за кривичното дело Злосторничко здружување, се товарат и за сторено кривично дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости. М.А.(32) и Д.Р.(36) се обвинети и за кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Покрај кривичните дела Злосторничко здружување и Прикривање, на обвинетиот Т.А.(58) му се става на товар и кривичното дело Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, додека на Н.М.(48) кривичното дело Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости. Најмладиот Р.З.(28) според Обвинителниот акт, освен кривичното дело Злосторничко здружување е сторител и на кривичните дела Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости и Изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости.

Во текот на втората половина на 2021 година на територијата на Р.С. Македонија, со цел вршење на погоренаведените кривични дела и стекнување противправна имотна корист, обвинетите С.Џ., З.А.и Т.А. создале група во која група припадници станале останатите обвинети и Д.П кој е во бегство. Групата станала функционална целина и нејзините припадници во периодот од 01.12.2021 година до 12.12.2022 година преземале дејствија на неовластено од надлежен орган истражување на археолошки локалитети како недвижни добра под привремена заштита, користејќи пренесени сознанија, карти и рачно пишани текстови и преданија за ориентација и пронаоѓање на археолошките локалитети. По пронаоѓање на локалитетите, со користење на метал детектори обвинетите извршувале недозволено истражување и ископување на движни добра под привремена заштита, односно културно наследство. Археолошките добра и историските предмети иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело, ги присвојувале и ги прикривале во нивните домови или на непознати локации и неовластено од надлежен орган ги нуделе и продавале на заинтересирани купувачи од земјата и странство.

Отуѓените добра се предмети со археолошки, етнолошки, уметнички и историски вредности со непроценлива вредност, односно значајно добро и добро од особено значење сопственост на Р.С. Македонија, со исклучителна вредност. Со нивно трајно оттуѓување, обвинетите сториле трајна штета за археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции и штета на државата.

 

извор: Обвинителство