Поевтини горива од ноќеска на полноќ

Дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар по литар, а цената на бензините се намалува од 0,5 до два денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,79 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе изнесува 68,5, а на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) 67,5 денари за литар. Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за половина денар по литар и ќе изнесува 74 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за два денара и ќе се продава за 76,5 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 1,273 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 43,507 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,569 отсто, кај дизелот за 3,217, кај екстра лесното масло за 3,812 и кај мазутот за 4,635 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во споредба со претходната пресметка е понизок за 0,0124 отсто.