Пожарот во Грција се шири кон манастирот Мандра, полицајци ги убедуваат монахињите да се евакуираат

Полицајци во Грција убедуваат монахињи да напуштат манастир, во близина на кој има пожар.

 

Се работи за манастирот во Мандра. Од грчката полиција на Твитер објавија видео од манастирот што се наоѓа во близина на пожарот во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарот во Дервенохорија на границата помеѓу областите Виотија и Атика, на околу 60 километри северозападно од Атина што избувна вчера попладне, поради ветерот се прошири со голема брзина и се доближи до населби и индустриска зона во западниот дел на областа Атика.  Превентивно, жителите на неколку села и населби, беа принудени да се евакуираат. Како што соопшти портпаролот на противпожарната служба Василис Ватракојанис токму во овој дел е мобилизиран најголемиот број на копнените и воздушните средства и интервенираат 250 пожарникари со осум пешадиски тима и 75 возила, како и 11 авиони и девет хеликоптери од кои еден е за координација.

Чадот од пожарот во близина на Атина поминал скоро 700 километри и рано утрово стигнал до крајбрежјето на Северна Африка, пишува грчкиот портал Метео, јави дописничката на МИА од Атина. На Балканот пожар има и во близина на Трогир во Хрватска.

 

 

MIA