Покрената иницијатива МКЦ да го носи името на Андреј од ДНК

Поранешниот советник во Советот на Град Скопје, Петар Шапе, преку објава на Фејсбук покрена граѓанска иницијатива за преименување на Младинскиот културен центар (МКЦ) во чест на прерано починатиот музичар и херој Андреј Ѓорѓиески – ДНК, кој го загуби животот во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, обидувајќи се да спаси други млади луѓе.

„Во ова сивило на политичко-партиски препукувања… забораваме на најважната работа – што ќе направиме за починатите и како можеме да им се оддолжиме. Ако воопшто е можно. Кабаетот е кај нас, како општество,“ пишува Шапе.

Тој најавува дека во наредниот период ќе поднесе официјален предлог до Советот на Град Скопје, со надеж дека иницијативата ќе биде прифатена едногласно од сите 45 советници.

„Андреј не беше само уметник и хуманист. Тој беше Човек. Симбол на генерации. Човек кој го жртвуваше својот живот за да спаси други.“

Во својата над 20-годишна кариера, Андреј, како дел од дуото ДНК, остави богато музичко наследство – песни со кои пораснаа илјадници млади луѓе во Македонија.

„Ова е најмалку што можеме да направиме за нашата музичка легенда. Ќе го негуваме неговиот лик и дело,“ порачува Шапе.

 

 

4news.mk