Покренато обвинение против Трамп за пронајдените доверливи документи на неговиот имот во Флорида

Покренато е обвинение против поранешниот американски претседател Доналд Трамп за погрешно ракување со класифицирани документи кои беа пронајдени при претресот на неговиот имот во Флорида. Ова го прави Трамп прв поранешен претседател во историјата на Соединетите држави кој се справува со кривична пријава од федералната влада која што некогаш била под негова ингеренција.

Американското министерство за правда се очекуваше да објави обвинение од седум точки пред историското појавување на Трамп на суд следната недела, во средината на претседателската кампања во 2024 година. Обвинението носи тешки правни последици, вклучително и можност за затвор доколку Трамп биде осуден, објави slobodnaevropa.mk.

Трамп утринава на социјалните мрежи веќе објави дека во вторник мора да се појави во судница во Мајами.

„Јас сум невин човек“, напиша Трамп на платформата „Вистина“ .

Тој преку видео порака подоцна изјави дека е невин и го повтори својот познат рефрен дека истрагата е „лов на вештерки“. Трамп неодамна беше обвинет во Њујорк по 34 точки од обвинението за прикривање на вонбрачна врска за време на предизборната кампања и е предмет на истраги во Вашингтон кои може да резултираат со кривични обвиненија.

Последното обвинение може да има и политички импликации, потенцијално да ги попречи републиканските претседателски прелиминарни избори во кои досега Трамп доминираше и повторно ја тестираше подготвеноста на гласачите на Републиканската партија и партиските лидери да се држат до сега двапати обвинет кандидат кој би можел да се соочи со уште повеќе обвиненија, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Таквата ситуација го поставува теренот за сензационално судење фокусирано на тврдењата дека на еден човек некогаш му е доверено да ги чува најстрого чуваните тајни на нацијата намерно и незаконски, натрупал чувствителни информации за националната безбедност.

Министерството за правда истражуваше дали Трамп лошо постапил со доверливите документи, откако ја напушти Белата куќа во 2021 година. Откако го пребарале неговиот имот Мар-а-Лаго во Палм Бич, Флорида, пред речиси една година, истражителите заплениле околу 13.000 документи, а 100 од нив содржеле доверливи информации што морало да бидат заштитени.

Трамп претходно се бранеше со тврдење дека тие документи повеќе не се доверливи бидејќи тој како претседател ги декласифицирал, но за тоа не понуди никаков доказ.

Трамп беше претседател на САД од 2017 до 2021 година, а е фаворит за републиканската претседателска номинација. Тој тврди дека е жртва на политички мотивиран лов на вештерки и го обвинува Министерството за правда за пристрасност.

 

Извор: slobodnaevropa.mk