Западниот полски град Познањ им објави „војна“ на стаорците во обид да го реши проблемот со наездата на овие глодачи, јавува Анадолу.
Локалните власти наредија задолжителни мерки за дератизација, со цел подобрување на хигиенските услови и ги повикаа сопствениците на имоти да постават стапици за фаќање на глодачите, објави државниот радиодифузер ТВП.
Исто така, на жителите им беше препорачано да ги заштитат своите објекти од стаорци затворајќи ги сите отвори и пукнатини низ кои тие би можеле да влезат, додаде државниот радиодифузер.
Според извештаите, наездата на стаорци започнала за време на реновирањето на историскиот плоштад во центарот на градот, со што биле растурени подземните гнезда на глодачите и тоа ги принудило да излезат на јавните простори.