Попис 2021: Околу 3 проценти од вкупното резидентно население во земјава имаат двојно државјанство

Околу три проценти од вкупното резидентно население во земјава имаат двојно државјанство. Најголем дел од нив, околу 37 проценти, освен македонско имаат и бугарско државјанство, додека половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години и активно население од 35 до 49 години, покажуваат податоците од Пописот 2021, објавени денеска од Државниот завод за статистика.

Од вкупното резидентно население 1.778.725 лица се државјани на Македонија, 53.201 се државјани на Македонија и друга држава, 4.203 се државјани само на друга држава, а 584 лица немале државјанство.

Интересно е тоа што, додека двојно државјанство повеќе имаат мажите – 30.003, отколку жени – 23.198, државјани на друга држава кои живеат во нашата земја се повеќе жени – 2.824, од мажи – 1.379.

По старосни групи, најголем дел од резидентното население со двојно државјанство се на возраст од 35 до 39 години – 5.190 лица. Половина од лицата со двојно државјанство се млади од 20 до 34 години – 11.768 или 22 отсто и активно население од 35 до 49 години – 15 171 или 28,5 проценти.

Од вкупно 53 201 граѓанин со двојно државјанство, најголем дел 19.645 освен македонското, имаат и бугарско, по што следат 10.909 и со српско, 3.819 и со хрватско, 2.393 и со косовско и 2.164 и со албанско државјанство.

Според етничката припадност, најголем дел од граѓаните со двојно државјанство се Македонци – 58,8 проценти, потоа Албанци 16,04 отсто и Срби – 10,7 проценти.