За спроведување на предлог законската измена за редовна контрола на лиценците во градежништвото секои 6 месеци потребно е да се зголеми бројот на градежни инспектори. Деканот на Градежен факултет Горан Марковски вели нема доволно градежни инженери на пазарот на труд. Во 40 општини нема градежен инспектор, а во анализа на НВО Инфоцентарот се жалат дека незаштитени, а често се изложени на закани и ризици.
Половина од општините во земјава немаат градежен инспектор, додека Владата планира законски да ги обврзе Инспекторатите да спроведува проверки на сите градежни објекти, проекти и компании на секои шест месеци и да им ги зголеми ингеренции да можат веднаш да одземаат лиценци. Ова е дел од измените на седум закони кои Владата се подготвува да ги достави до Собранието, одлука која ја донесе по трагедијата во Кочани, каде што во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 луѓе, а речиси 200 беа повредени.
Масовната проверка која следуваше по пожарот, што ја спроведоа инспекциските служби и Министерството за транспорт и врски покажа дека речиси 500 од вкупно три илјади компании кои се занимаваат со градба на станови, куќи, но и државни објекти, како и проектирање и изработка на Детални урбанистички планови го изиграле системот.
Тие вработувале градежни инженери, проектанти и архитекти за да стекнат право за да добијат лиценца за работа, и набрзо по тоа, а честопати веќе следниот месец, имињата на стручните, поради кои и ја добиле лиценцата веќе не биле на нивните платни списоци, откриле инспекторите. Но, тоа е само еден дел од утврдените злоупотреби.
slobodnaevropa.mk