Претседателот на Република Македонија 2009-2019, д-р Ѓорге Иванов, учествува на 10. Глобален Баку форум во Азербејџан во периодот 9-12 март 2023 година. Јубилејниот десетти Глобален Баку форум се одржува на тема „Светот денес: предизвици и надежи“ и беше свечено отворен со обраќањето на Претседателот на Република Азербејџан Илхам Алијев.
На овогодинешниот форум учествуваат голем број актуелни и поранешни претседатели, премиери, министри, како и академици, истакнати аналитичари, новинари и др. За време на форумот Претседателот Иванов присуствуваше на сесиите на кои се дискутираше за предизвиците со кои во овие моменти се соочува мирот во Европа и светот, како и за проблемите од европското неинтегрирање на Западен Балкан. За време на форумот оствари и повеќе средби со други учесници на форумот.
Претседателот Иванов уште во текот на својот прв мандат ја започна соработката со организаторот на овој настан, Меѓународниот центар Низами Ганџави и досега учествувал на повеќе нивни настани. Основан во 2012 година, Меѓународниот центар Низами Ганџави е меѓународна организација со седиште во Азербејџан која го слави наследството на големиот азербејџански поет Низами Ганџави. Со цел да се промовира знаењето, толеранцијата, дијалогот, разбирањето и споделените општества меѓу народите, културите и нациите, Меѓународниот центар Низами Ганџави организира настани на високо ниво во текот на целата година со учество на истакнати личности за проучување на можни решенија за итни и актуелни проблеми на нашето време.




