Последниот скандал на Филипче, Државата им плати на Грците, на македонските фирми драхми ќе им дадат

 

Скандалозната уплата на повеќе од 2,5 милиони евра од Министерството за здравство на контото на компанијата „Интраком констракшн – Интракат Грција“, извршена од министерот во заминување Венко Филипче, нема да го спаси проектот „Клиничка болница Штип“, за кој пари обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), но потоа го раскина договорот со Македонија. Според сознанијата на Плусинфо, грчката компанија веќе ги „испумпала“ парите од својата македонска подружница, а долго најавуваниот проект и натаму доцни.

Како што е познато, Клиничката болница во Штип требаше да биде изградена до 2019 година. Не бидна ништо од тоа ветување. Потоа се рече дека ќе биде готова во 2020 година, а на крајот се тврдеше дека ќе биде изградена во 2021 година. Сега се спомнува дека крајниот рок за завршување на работите е 2022 година. Но, на објектот не се работи ништо што би навестило дека тој ќе биде завршен во блиска иднина.

Во ова време минатата година, провладините медиуми си смислија приказна како да се оправда доцнењето на проектот. Повикувајќи се на извори од грчката компанија, тие објавија дека до блокадата на изградбата дошло поради тоа што фирмата „Бетон Штип во стечај“, до 2018 година подизведувач на работите, води судски спор против изведувачот, со цел да наплати 2 милиони евра ненаплатени побарувања. „Вината“ беше натоварена на грбот на бизнисмените Орце Камчев, Дејан Панделески и Сергеј Самсоненко, кои во обид да ја спасат фирмата „Бетон Штип“, ја блокирале сметката на „Интракат“. Секако, пред една година, секоја приказна во која се спомнуваа „ѓаволските бизнисмени“ палеше во јавноста. Но, по многу скандалозни постапки на владата на „ангелите“ Зоран Заев и Венко Филипче, перцепцијата битно се промени. А последниве настани, ете, го потврдија она што Плусинфо го пишуваше лани во јануари.

Каква врска има судскиот спор меѓу „Бетон Штип“ и грчката компанија „Интракат“ со ветувањата на ведетите на тогашната власт дека штипската болница ќе биде готова додека да кажеш ефхаристо? Ова прашање тогаш го постави Плусинфо. Според тогашните официјални математики, инвеститорот, државата, на изведувачот, грчката компанија „Интраком“, со која од 2015 година има договор за изградба на штипската болница, тогаш требаше да му изброи 42 милиони евра. Остана нејасно како за „Интракат“ не биле проблем тие 42 милиони евра, туку проблем биле баш оние тогашни 2 милиони евра, кои беа предмет на судскиот спор со „Бетон Штип“.

Инаку, грчкиот изведувач тогаш тврдеше дека на „Бетон Штип“ не му должи 2 милиони евра, дека за побарувањето дознале откако им биле блокирани сметките, дека претходно судот во Скопје за спорот се огласил ненадлежен ама штипскиот суд пресудил во полза на „Бетон Штип“ и дека правосилната пресуда е извршена откако наводно со фалсификувани потписи било примено извршното решение. Грчката компанија тврдеше дека воопшто не била во можност да ја обжали неправосилната пресуда (не е знајала), а и дека според договорот со инвеститорот, за ваква работа не биле надлежни македонските судови, туку Арбитражниот суд во Париз.

Но, настрана од оваа филмска приказна, остана фактот дека „Бетон Штип“ си бара заработени пари, свои и на 600 други македонски фирми, врз основа на неплатени времени ситуации за извршени градежни работи и фактури за испорачани градежни материјали за изградба на Клиничката болница во Штип. До Основниот суд во Штип, против фирмата „Интракат“, бил поднесен предлог за издавање судски платен налог. Судот донел решение на 25 февруари 2020 година (ПЛ-ТС-1/20) и уредно го доставил до двете странки во постапката. По правосилноста и извршноста на решението, истото било процесуирано преку местно надлежен извршител за присилна наплата. По негов налог, на 5 август 2020 година сметката на „Интракат“ е блокирана.

Да биде уште појасно. Станува збор за обврски на „Интракат“, кој како изведувач на проектот „Клиничка болница Штип“ ги имал кон „Бетон Штип“ како негов подизведувач. Иако „Интракат“ ги наплатил во целост сите тие извршени работи (цехот го платил, нормално, инвеститорот, Министерството за здравство), грчката компанија сепак не му ги исплатила парите на „Бетон Штип“ согласно со договорот, туку напротив, неосновано го раскинала договорот за подизведување, што директно како последица предизвикало активирање на банкарски гаранции (само гаранцијата за овој тендер не е активирана, спротивно на сите законски прописи) и блокади, по што следувало и отворање стечајна постапка, отпуштање на повеќе од 400 работници и неплатени обврски кон повеќе од 600 домашни правни субјекти, кои работеле како подизведувачи на проектот.

Има ли докази за ова тврдење? Има цел куп, велат од фирмата подизведувач. Има фактури. Но, не само тоа. Сите „времени ситуации“, тврди подизведувачот, се примени, потпишани и одобрени и од „Интракат“ како изведувач и од Министерството за здравство како инвеститор. Со други зборови, сè што е сработено, оверено е со потписи. Затоа, станува збор за целосно основано побарување на „Бетон Штип“, докажано во законита судска постапка, чие постоење при книговодствените срамнувања го потврдувала и самата фирма „Интракат“ и за што постоат и судско вештачење, документи, завршни сметки и ревизорски извештаи, кои „Бетон Штип“, како акционерско друштво, ги има доставено и на Македонската берза.

Притисоци врз судството

Плусинфо уште тогаш, значи пред една година, предупреди дека наместо да си плати од парите што ги зел од државата, грчката компанија „Интракат“ ќе изврши притисок врз судството. Се објавуваа скапо платени написи во медиумите, со цел да создаде заблуда во јавноста. Се пишуваа неосновани претставки против судии кои донеле законити одлуки. Државатата, пак, не се откажуваше од својот договор со „Интракат“, кој веројатно сè уште е активен (бил во времето на скандалозните уплати на Филипче). Да биде скандалот уште поголем, тој договор опстојува без продолжени банкарски гаранции. Уште пред една година изворот на Плусинфо коментираше:

– Крајно безобразно е што речиси шест месеци „Интракат“ е со блокирана сметка, врз основа на законита, правосилна и извршна одлука на македонски суд, а сè уште не е во стечај и сè уште е со активен договор за изградба на штипската болница. На надлежните институции, на инвеститорот и на грчката компанија медиумите треба да им постават сериозни прашања. Дали има друга компанија во Македонија со блокирана сметка од шест месеци, за која судот два пати одбива да отвори стечајна постапка, иако по закон е должен во рок од 45 дена да ја отвори? Дали врз основа на одредбите на FIDIC договорните услови, под кои е потпишан договорот помеѓу договорните странки, Министерството за здравство на РСМ како инвеститор и „Интракат“ како изведувач, постои клаузула во точка 15.2 алинеа 1е, во која се вели дека во случај изведувачот да стане несолвентен („Интракат“ веќе шест месеци има блокирана сметка, 16 месеци нема градежна ситуација, нема никакви активности на објектот, нема ниту еден вработен), Министерството за здравство на РСМ треба да го раскине договорот?

На овие прашања јавноста никогаш не доби одговор. „Интракат“ беше и остана милениче на владата на Зоран Заев и на Венко Филипче. Зошто е тоа така? Одговорот е збор со пет букви кој почнува на буквата „а“. Збор добро познат во македонската јавност. „Актор“!

 

Плусинфо.мк