Потегот на Трамп за укинување на УСАИД предизвикува загриженост

Администрацијата на Доналд Трамп ја нападна УСАИД во серија потези кои би можеле да значат крај на главниот ентитет за меѓународна помош на Соединетите Американски Држави (САД).

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се чини дека ја затвора главната меѓународна помош од Вашингтон поради бранот извршни активности насочени кон владините трошоци, потег за кој меѓународните хуманитарни организации предупредуваат дека може да има катастрофални последици.

Предводник на обвинението против Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) е Илон Маск, советникот на Трамп за намалување на владините трошоци, кој тврди дека администрацијата може да намали 1 трилион долари од дефицитот на САД и да го позиционира својот напор како борба против корупцијата.

Затворено седиштето на Агенцијата во Вашингтон

Вработените во УСАИД добија известување дека седиштето на агенцијата во Вашингтон ќе биде затворено за персонал на 3 февруари „по наредба на раководството на Агенцијата“, јавија Си-Ен-Ен и „Асошиејтед прес“ повикувајќи се на повеќе извори.

Интернет страницата на УСАИД, за која Обединетите Нации(ОН) велат дека обезбедува повеќе од 40 отсто од целокупната хуманитарна помош на глобално ниво, беше нефункционална на 3 февруари.

Трамп тврдеше дека агенцијата „ја управувале куп радикални лудаци“.

„Ги вадиме нив надвор, а потоа ќе донесеме одлука за иднината на УСАИД“, рече тој пред новинарите на 2 февруари.

Коментарите на Трамп следуваа по извештаите на Си-Ен-Ен и на Ројтерс дека двајца високи функционери за безбедност на УСАИД биле упатени на административно отсуство откако се обиделе да спречат претставници на Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), организација основана од Трамп и предводена од Маск, да пристапат до компјутерските системи на агенцијата.

Самиот Маск ја нарече УСАИД, која администрира десетици милијарди долари американска странска помош одобрена од Конгресот, „криминална организација“ која е „време да умре“.

 

 

slobodnaevropa.mk