Денеска во Клубот на пратениците беше потпишан Меморандум за соработка и координација за ефикасна и ефективна примена на Законот за рестриктивни мерки од страна на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, заменик обвинителот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Ферат Елези, директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски и директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу.
Меморандумот претставува основа за постапување во рамки на законските надлежности на овие институции во насока на градење на ефективен и ефикасен систем во примената на меѓународните рестриктивни мерки, засновано на начелата на законитост, непристрасност и независност, професионалност и стручност во постапувањето, а во врска со одредбите од Законот за рестриктивни мерки.
Преку него на едно потесно оперативно рамниште, се дефинираат низа можности и активности што треба да се преземат со цел постигнување максимална функционалност во спроведувањето на нормите пропишани во Законот за рестриктивни мерки хармонизиран со законодавството на ЕУ, меѓународните норми при ООН или другите мултилатерални или билатерални акти што нашата земја ги има верификувано.
Интенцијата е стриктно почитување не само на преземените меѓународни облигации, туку и градење механизми кои ќе имаат за цел да придонесат во одржувањето на меѓународниот мир, безбедноста, почитувањето на човековите права и основните слободи и развојот на демократијата и владеењето на правото .
извор: МВР
фото: МВР