Организацијата на потрошувачи оценува дека немало значителен пад на цените со новогодишната кошничка, а Синдикатите в понеделник ќе ги објават пресметките за ефектите од оваа празнична мерка. Бараат од власта да не ги најавува кошничките со намалени цени за да се спречат манипулации од трговците.
Дали трговците биле фер кон граѓаните и ќе купуваат ли производи по повисоки цени сега откако заврши новогодишната кошничка? Одговорите на овие прашања надзорот на Сојузот на синдикати ќе ги даде на 20 јануари, кога ќе бидат сумирани резултатите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов вели дека тогаш ќе ја презентират и новата синдикална кошничка откако декемвриската порасна за 840 денари во споредба со онаа од ноември.
„На 20-ти јануари ќе имаме детална слика за тоа што се случувало со цените во изминатите 30 дена. Ќе знаеме дали дополнително трговците ги зголемиле цените на грбот на граѓаните и тогаш ќе ги имаме комплетно деталите за успешноста или неуспешноста на акцијата“, посочува Трендафилов во изјава за Радио Слободна Европа.
Синдикалците веќе од вчера ги анализираат цените, кои, како што вели синдикалниот лидер, Трендафилов на почетокот не го дале посакуваниот ефект.
„За жал, тогаш првичните ефекти не беа на задоволителното ниво. За ова имаше и соодветна реакција од Владата до трговците дека потребно е реално да се намалат цените најмалку за десет проценти имајќи предвид дека беа оставени самите да ги креираат цените кои ќе значат општествена одговорност“, додава Трендафилов за РСЕ.
slobodnaevropa.mk
slobodnaevropa.mk