Денеска во Скопје, во 85-тата година од животот почина познатиот македонски хуморист и сатиричар Живко Павлов. Тој е автор на првата книга афоризми и епиграми по Втората светска војна во Македонија – „Пладневни кукурикања“, објавена во 1969 година. Не случајно го нарекуваа “македонски Јиржи Лец”, зашто афоризмите и епиграмите презентирани во неа се чини како да се пишувани денес, па реално е согледувањето на критичарите дека станува збор за литература на која времето и минливоста не и можат ништо.
Живко Павлов цел живот професионално се занимаваше со хумор и само со хумор. Најмногу во „Остен“, како и во други весници и списанија, и е автор на илјадници афоризми, епиграми, хуморески и сатирични текстови. Павлов е објавуван во најголемите хумористични списанија на Балканот, како и во Русија.
Велешанец по потекло, за кого случајот барал да се роди во Куманово на 9-ти мај 1940 година, подоцна – датум прифатен како Ден на победата над фашизмот. „Затоа цел живот трпам порази“ имаше обичај во шега да каже Живко.
Живко Павлов за себе своевремено кажа: „Дури кога ја наполнив 60-тата година, успеав да ја завршам Академијата за хумор и сатира, во класата на професорот Живко Павлов“.