Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Според неа, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле отпечатени. Според МОН досега се испорачани 360 илјади примероци. Ќе недостигаат само учебниците за странски јазици од прво до деветто оддделение.
„Потврдувам дека утре учебници ќе има секаде. Ова беше мое прво ветување веднаш по стапувањето на функцијата и денеска можам да кажам дека успешно го реализираме. На виделина излегува неспособноста или недостигот на желба за работа кај неколку претходни министри. Конечно по повеќе учебни години, ученичките генерации навремено ќе имаат основни наставни помагала за совладување на материјата. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, веќе се испорачани. Досега во овие 60 дена, испорачавме над 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали во вредност од над 80 милиони денари. Учебниците се веќе дистрибуирани по училиштата. Доколку и се случи некој ученик или родител да се пожали на стар дотраен учебник ве информирам дека набавката на учебници ќе продолжи според потребите на училиштата. Евидентна е разликата која ја постигнавме за само два месеца, во споредба со минатите 7 години“, рече Јаневска
Со самото доаѓање во Министерството, вели, таа и нејзиниот тим увиделе дека недостигаат учебници по многу предмети. Јавноста, нагласи, била манипулирана со лажни информации, на пример се тврдело дека учебниците за седмо одделение се одобрени и испечатени.