По две години пауза, се враќа возот од Скопје за Куманово

По две години пауза, се враќа возот од Скопје за Куманово. Министерот за транспорт и врски Александар Николовски седна во првиот воз со кој ќе се патува за 41 минута до Куманово. Возот ќе сообраќа двапати дневно. Во одредени делови од денот, возот ќе сообраќа и до Бељаковце, а кога ќе биде завршена пругата, и до Крива Паланка.

„Возот ќе сообраќа двапати дневно, наутро во 6:30 ќе тргнува од Куманово, а во 16.30 ќе се враќа назад и обратно. Ќе има четири возови дневно кои ќе оперираат за 41 минута, што е навистина брзо“, изјави Николовски по посетата на „Железници Транспорт”.

Планирани се „градски линии“ до Тетово и Гостивар, а во план е да се обнови и железничката линија до Кичево.

Олеснето патување меѓу градовите
Со обновувањето на железничкиот сообраќај ќе се олесни комуникацијата меѓу градовите. „Ќе се олесни и комуникација за сите жители на двата града, а ќе се намали и сообраќајот и загадувањето“, вели Николовски.

Според министерот, за само шест месеци од нула локомотиви, на пругите сега има дури 14 локомотиви и возови. „Имаме преку 75 % зголемување на товарниот транспорт“, вели тој.

По речиси три децении од почетокот на изградбата, неодамна тргна и возот од Куманово кон Бељаковце, со што беше пуштена во употреба првата фаза од железничката пруга од Северна Македонија кон Бугарија.

Премиерот Христијан Мицкоски на првиот состанок на Управниот одбор на Националната развојна стратегија најави дека Владата на Северна Македонија меѓу другото ќе известира и во брзи железници и модерни патишта.

 

 

DW