Централниот и југоисточниот дел на Шпанија за викендот ги зафати силно невреме, многу патишта беа затворени, паѓаа дрвја, а некои куќи беа поплавени. Поради обилниот дожд и невремето, денеска во прекин е железничкиот превоз на „медитеранскиот коридор“ меѓу Мадрид, Валенсија, Аликанте и Барселона.
Жителите на Мадрид и околината вчера во вечерните часови добија порака на мобилните телефони со предупредување да не излегуваат од домовите, но невремето таму помина без сериозни последици. Пожарникарите во Мадрид имале 726 интервенции.
Поради огромното количество на вода и кал на шините возовите привремено не возеа во неделата од главниот град кон западната провинција Екстремадура и јужна Андалузија. Возовите од Мадрид до Андалузија сѐ уште не сообраќаат поради последиците од невремето и поплавите во градот Толедо.
Во Каталонија, околу делтата на реката Ебро, во текот на викендот на одредени точки наврнаа повеќе од 200 литри вода на квадратен метар – повеќе отколку кога било во последните 23 години. Во селото Алканар на луѓето привремено не им беше дозволено да ги напуштат своите куќи. Некои мораа да бидат спасени од поплавените домови.
Денеска шпанските власти соопштија дека едно лице загинало, а уште две се водат за исчезнати по невремето во неделата. Маж загинал во својот автомобил во градот Толедо, кој беше особено тешко погоден од невремето а две лица се водат како исчезнати кога возилото со кое патувале паднало во реката Алберче во градот Алдеа дел Фресно во мадридскиот регион.
Уште во саботата пак медиумите јавија дека двајца мажи загинале во невремето. Тие патувале во кањон во близина на Сарагоса кога паднале во поројница и се удавиле, пренесоа медиумите повикувајќи се на локалните власти.
Шпанската метеоролошка служба извести дека дождот треба да ослабне во текот на денешниот ден. Во Мадрид од осум часот наутро дождот повремено престанува. Земјата е под невообичаено силен удар на дожд и ветер, по долг период на неподносливите горештини и пожари.
DW