Американскиот претседател Доналд Трамп во средата (19 март) за време на разговорите со украинскиот претседател Володимир Зеленски предложи САД да ја преземат сопственоста на украинските електрани, додека тој се обидува да го премости јазот меѓу Москва и Киев и да обезбеди прекин на огнот во повеќе од тригодишната војна.
Трамп му рекол на Зеленски дека американската сопственост на снабдувањето со електрична енергија во Украина и нуклеарните централи „би била најдобрата заштита за таа инфраструктура“, се вели во соопштението на Белата куќа за разговорот.
Предлогот го одразува верувањето на Трамп дека американското поседување на украинскиот имот ќе послужи како безбедносна гаранција за земјата разурната од војна, бидејќи Русија ќе се воздржи од напад врз нив поради страв од ескалација со САД.
Барањето на Киев за безбедносни гаранции лежи во срцето на шатл-дипломатијата меѓу Украина, Русија и САД, што е започната со цел да се обезбеди мировен договор.
За време на разговорот, кој Белата куќа го опиша како „фантастичен“, Трамп вети дека ќе размисли за купување повеќе противвоздушни ракетни системи „Патриот“ за Украина, додека Зеленски се согласи Украина да не ја нападне руската енергетска инфраструктура 30 дена.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека целта на разговорот со Зеленски е „да ги натера Русија и Украина да се усогласат со нивните барања и потреби“.
За Трамп ставањето крај на војната во Украина, во која повеќе од еден милион луѓе беа убиени или ранети, е еден од главните приоритети на неговата администрација.
slobodnaevropa.mk