По средбата со Вучиќ, Зеленски ѝ се заблагодари на Србија за поддршката

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на 11 јуни објави дека разговарал со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на самитот Украина-Југоисточна Европа во Одеса.

Зеленски на платформата Телеграм напиша дека Украина и е благодарна на Србија за нејзината поддршка во зачувувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет на таа земја.

„Разговаравме за меѓусебна поддршка на патот кон Европската Унија, билатерална соработка и обнова на Украина. Ви благодарам за иницијативата да помогнете во обновата и да преземете покровителство за обнова на неколку населени места во Украина. Ова е навистина ефикасен формат на соработка и ќе сметаме на добри резултати“, напиша Зеленски.

Украинскиот претседател потсети дека претседателот на Србија ја посетува Украина за прв пат и нагласи дека „важно е да се биде тука и да се види војната со свои очи“.

Претходно на 11 јуни, Вучиќ на Инстаграм напиша дека имал „значаен и отворен разговор со Зеленски за клучните прашања на современите геополитички предизвици со кои се соочува Европа и целиот свет“.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон го поздрави учеството на Вучиќ на самитот Украина-Југоисточна Европа, наведувајќи дека тоа може да се протолкува како силна поддршка за украинското раководство.

Вучиќ е единствениот учесник на Самитот кој не ја потпиша усвоената декларација, бидејќи, како што изјави за српските медиуми, таа повикува на воведување санкции против Русија поради војната против Украина.

 

 

slobodnaevropa.mk