По 8 месеци во болница, предвреме родено бебенце кое не се очекувало да преживее си отиде дома

Малата Марго не се очекувало да преживее, но на сите им докажа што значи волја за живот и непокорливост. По 8 месеци поминати во болница, бебенцето со родилна тежина од само 680 грама конечно си отиде дома кај своите родители, двајцата браќа и сестра си.

Нејзината мајка Савана е пресреќна што ја има ќеркичката покрај себе дома.

„Срцето ми е полно со радост. Чувствувам дека ми е даден најубавиот дар на светот“ – рекла таа.

Савана имала три нормални бремености, но во 20-тата недела од четвртата бременост развила прееклампсија. Пет недели подоцна, нејзиниот крвен притисок значително се покачил и белите дробови започнале да ѝ се полнат со течност. Бебето Марго морало принудно да се роди со царски рез на 14 август минатата година, 4 месеци пред предвидениот термин за породување.

„Го знаете стандардното шише вода? Тоа е големината која ја имаше Марго од глава до пети. Беше многу ситна. Го гледаш тоа малечко бебе и помислуваш: ‘Како ли ќе преживееш?’“ – рекла Савана.

Здравствената состојба на Марго на почетокот ги изненадила сите. Но, за жал, набрзо нејзиниот стомак започнал да отекува поради животозагрозувачка болест нектротизирачки ентероколитис, која довела и до сепса.

„Беше премногу болна. Нејзините црева пукнаа во стомакот и таа разви сепса“ – рекла мајката.

Докторите го викнале нејзиниот сопруг за првпат да ја земе ќеркичката во раце, бидејќи голема била веројатноста да не го преживее транспортот до друга болница.

„Се сеќавам дека докторот погледна во нејзиното креветче и ми рече дека сè уште гледа борбеност кај Марго, додавајќи дека додека таа се бори, и тие ќе се борат со неа“ – споделила Савана.

По многубројни операции, Марго изгледала подобро, но одеднаш „започнала да крвари од секаде“.

„Најголем дел од бебињата не би го преживеале ова. Прогнозите беа страшни. Ова е огромно чудо“ – рекла мајката за фактот дека ќерка ѝ сега има одлични прогнози и дека напредува благодарение на хирургот кој „постојано ја спасувал“.

„Марго ги надмина сите очекувања со причина. Марго ме научи да живеам за денешниот ден, а да не се грижам за утрешниот. Таа е многу среќно бебе. И покрај целата болка и страдање, таа сè уште се смее и кикоти“ – додала Савана.

Бебенцето сега тежи 1,5 кг.

 

 

femina.mk