Косово и двете земји од регионот на Западен Балкан кои се дел од Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО), Албанија и Хрватска, оваа недела потпишаа декларација за продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста.
Без конкретни детали, министрите за одбрана на трите земји порачаа дека ќе ја зголемат интероперабилноста на нивните армии преку едукација, обука и заеднички вежби, како и дека ќе се вклучат во борбата против хибридните закани, но и ќе ги координираат политиките за евроатланска интеграција.
Србија го сметаше тоа за чекор што ја „поткопува регионалната стабилност“ и како закана за нејзиниот „територијален интегритет“, додека Косово рече дека иницијативата не треба да се гледа како закана за никого, туку дека треба да се прифати како порака дека трите држави ќе бидат обединети пред секој предизвик или закана.
Безбедносните експерти во Приштина и Белград не ја гледаат декларацијата како чекор кон формирање формален одбранбен сојуз, како што е НАТО.
Што ги обединува трите земји?
За Рамадан Илази, раководител на истражување во Косовскиот центар за безбедносни студии, значењето на оваа декларација лежи во фактот што таа дојде во време кога е зголемена непредвидливоста на постоечките безбедносни сојузи во светот.
Тој ја гледа иницијативата како чекор кон зајакнување на алтернативите или стратешките сојузи, за Косово да напредува во однос на одбраната, бидејќи сè уште нема јасен пат кон членство во НАТО.
„Не сум оптимист дека оваа алијанса го означува почетокот на создавањето формален одбранбен блок, туку напротив нова група држави во Европа кои ги делат истите грижи или исто толкување на безбедносната ситуација во Југоисточна Европа“, изјави Илази за Радио Слободна Европа.
slobodnaevropa.mk