Православните христијани во Македонија го одбележуваат Бадник

Православните христијани во Северна Македонија денеска го слават Бадник, денот пред Божиќ, јавува Анадолу.

По тој повод, празникот традиционално се одбележува со посета на храмовите на Македонската православна црква (МПЦ), а централната литургија се одржа во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, која започна со бадниковата химна и подигањето на бадниковото знаме.

Поглаварот на МПЦ – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, во својот говор им го честита празникот на христијанските верници.

По осветувањето на бадниковите гранчиња, кои им беа поделени на верниците, се кршеше и бадниковото лепче со паричка.

Според христијанската традиција, првите гласници на празникот се коледарите, децата кои ја носат веста за доаѓањето на празникот Божиќ, кои в зори тропаат на вратите на домаќинствата најавувајќи го празникот, и за тоа се дарувани.

На Бадник завршуваат божиќните пости. Семејствата за Бадник во вечерните часови се собираат околу заедничка бадникова трпеза, и според традицијата, оваа вечер не се оди на гости.

Се подготвува богата посна трпеза, a се прави и лепче или пита во која се става паричка. Се верува дека оној на кого што ќе му се падне паричката, ќе го следат среќа и бериќет во текот на целата година.

Исто така, ноќта пред Бадник се става бадниково гранче на секоја врата, што според христијанското верување, носи здравје за целото семејство.

Повеќето православни цркви во светот го користат Јулијанскиот календар, формиран по наредба на Јулиј Цезар во 46 пр.н.е. и го немаат прифатено Грегоријанскиот календар кој е формиран во 1582 година од римскиот папа Григориј. Разликата меѓу двата календара е 13 дена, поради што православните христијани го слават Божиќ на 7 јануари, а не на 25 декември.

 

извор:Анадолија