Пратениците тешко се откажуваат од привилегиите. Иако големите издатоци од собранискиот буџет за патни трошоци се наоѓаат на дневен ред на секој нов парламентарен состав, ваквата иницијатива досега не наиде на поддршка кај мнозинството пратеници, кои секој месец влечат „фантастични“ суми по оваа ставка. Во Собранието на Северна Македонија не помина ниту последната иницијатива којашто дојде од Левица, откако тие не ја добија поддршката од владејачкото мнозинство. Левица поднесе предлог – законот за ограничување на патните трошоци, со цел трошокот да се намали на 6,5 литри гориво на поминати 100 километри (околу 500 денари). Тоа би значело ако некој пратеник патува дневно 200 километри во два правци ќе земе околу 1.040 денари, наместо 3.200 кои ги зема сега за 200 километри.
„ДПМНЕ не го изгласа предлог-законот на Левица за намалување на патните трошоци на пратениците. Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите“, порача Димитар Апасиев од Левица.
Тој апармираше дека во изминатите четиринаесет години со 6,5 милиони евра народни пари, можеше да се изгради целосно нова болница, да се обноват сите студентски домови во земјава или да се изградат 10 нови градинки. Според пресметките на партијата, „за удобното патување на претставниците во законодавниот дом, во изминатата 2024 година се потрошени 300 илјади евра, што е за 20 илјади евра повеќе во споредба со 2023 година. Во периодот од 2010 до 2024 година, само за патни трошоци, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земале 3.700.000 евра, на СДСМ 2.000.000 евра и на ДУИ 680.000 евра.
„Во овие суми не се вметнати трошоците за кирии за пратениците, од кои повеќето имаат станови во Скопје, додека наплаќаат кирии од државата“, вели пратеничката на Левица, Јована Мојсоска.
Може ли да се изнајде прифатливо решение?
Но, дел од партиите во пресрет на собраниската седница веќе најавија дека нема да го поддржат предлогот. Од партијата ЗНАМ ја информираа јавноста дека нивните пратеници ниту досега наплаќале, ниту отсега ќе наплаќаат патни трошоци. Според партијата на власт, само еден колега од пратеничката група за седум месеци има вкупно добиено околу 30.000 денари по сите основи (гориво, патарини и амортизација), што претставува и помалку од направените реални трошоци за превоз од и до Собранието.
„Нашиот став во врска со овој предлог-закон на колегите од Левица останува принципиелен: ќе ги игнорираме сите предлози чија единствена цел е популизам и театризација на секоја тема. Ние сме подготвени за отварање конструктивен процес на разговори за сите прашања со сите пратенички групи, преку кој би се дошло до заедничко, општоприфатливо и најдобро решение“, порачаа од ЗНАМ.
Од Левица оценија дека партијата на Максим Димитриевски „со своето соопштение покажува дека е само уште еден приврзок на корумпираниот систем“. Тие потсетуваат дека пратеничката Весна Бендевска, сега дел од ЗНАМ, како поранешна пратеничка од СДСМ беше меѓу рекордерите по наплатени патни трошоци.
Рекордери по патни трошоци
Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во 2020 година објави анализата на патните трошоци на пратениците во периодот од 2015 до 2019 година, кој покажа дека вкупниот трошок во овие пет години е 2.895.605 евра.
ДКСК тогаш потенцираше дека има тенденција на намалување на трошоците за превоз – ако во 2015 година биле исплатените надоместоци за користење на автомобил од 770.883 евра, во 2016 – сумата се намалува на 698.797 евра, во 2017 на 512.000, во 2018 година се движи околу 522.930 евра, а во 2019 година се исплатени 390.993 евра. И тогаш беше утврдено дека 23 пратеници имале сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство во Скопје, но и покрај тоа примале надоместоци за користење автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.
Висината на надоместот на закупнина на стан за пратениците изнесува 400 евра месечен бруто износ, а надоместот следува врз основа на писмено барање кое содржи лична изјава заверена кај нотар дека барателот нема во сопственост или под закуп стан или куќа, во површина најмалку од 80 метри квадратни во Скопје.
Антикорупциската комисија тогаш бараше да се усогласи законската регулатива со реалните можности на државата, со цел да намалат издатоците за патни трошоци на пратениците. СДСМ во 2017 година предложи четири алтернативи и нов начин на пресметка на патните трошоци за пратениците, со цел да се спречат злоупотребите, но и ваквиот предлог не наиде на поддршка.
DW