Пратениците ќе одлучуваат за избор на Азир Алиу за министер за здравство

Предлог-текстот за Алиу доставен од Владата и потпишан лично од премиерот Христијан Мицкоски, ја содржи биографијата на кандидатот. Во неа се наведува дека Алиу е дипломиран електроинженер и доктор по информатички науки кој моментно ја извршува функцијата редовен професор на Факултетот за компјутерски науки и технологии при Универзитетот на ЈИЕ во Тетово. Алиу беше министер за информатичко општество и администрација во 2023 и 2024 година, а, согласно доставеното ЦВ, бил и на други високи и одговорни позиции.

Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите рече дека очекува добра соработка со Алиу во рамки на Владата. Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити смета дека Алиу е најдобар предлог за министер за здравство. Министер, како што рече неодамна Меџити, треба да биде добар менаџер кој го познава системот и кој може да придонесе за подобрување на ресорот.

Алиу е дел од Алијансата за Албанците која останува во Вреди по оставката од 15 мај годинава на Арбен Таравари и неговата одлука да замине во опозиција.

И предлогот за Хоџа да биде  заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство е потпишан од премиерот Мицкоски. Во биографијата на кандидатот се наведува дека тој е новинар со повеќегодишно работно искуство, а своето образование го стекнал на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово.

 

 

denesen.mk