Првата еко џамија отворена во Сисак, Хрватска

Во хрватскиот град Сисак, во присуство на највисоките државни и верски лидери на Турција , Хрватска и Босна и Херцеговина, отворена е џамија и Исламски културен центар „Реџеп Таип Ердоган“. Ова е првата екоџамија во овој дел на Европа.

По Гуња, Загреб и Ријека, џамијата во Сисак ќе биде четврта на територијата на Хрватска, но прва еко џамија во овој дел на Европа. Џамијата е модерна, има ЛЕД светла и топлински пумпи за греење и ладење, на рамниот дел на кровот поставени се соларни панели и фотонапонски ќелии со јачина од 30 киловати кои ќе произведуваат електрична и топлинска енергија за системот на греење.

Објект со бројни простории за сите граѓани

Објектот се простира на вкупно околу 2.500 метри квадратни. Во него се наоѓаат џамија, со површина од 700 квадратни метри, училници за настава, младински клуб, конгресна сала за предавања, венчавање и други пригоди, ресторан, библиотека со читална, станбен простор за верските службеници, технички простор и простор за складирање. Просториите за едукативни, општествени и гастрономски содржини ќе можат да ги користат сите граѓани.

Џамијата ја отвори турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во присуство на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. На свеченоста на отворањето присуствуваа илјадници верници.

Помеѓу останатите, присуствуваа и реисул-улема на Исламската заедница во Босна и Херцеговина Хусеин Кавазовиќ, претседателот на Управата за верски работи (Дијанет) на Република Туркије Али Ербас, како и генералниот директор на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) Серкан Кајалар.

Парцелата на која е изградена џамијата и Исламскиот културен центар купена е во 2006 година, а во 2014 година се решени имотно-правните односи. Во 2016 година добиена е градежната дозвола и веќе наредната година почнаа градежните работи.

тртбалкан