Салих Мустафа, во костум и со вратоврска, стоеше молкум додека судијката претседавач Мапи Велт-Фоља ја изрекуваше пресудата и казната. Бившиот командант на ОВК е осуден од страна на Специјалните совети за Косово во Хаг на 26 години затвор за воени злосторства над албанските цивили нелојални на ОВК, извршени во април 1999 година, објави DW.
Како што пренесува агенцијата АП, холандската судијка Велт-Фоља оцени дека таа пресуда е пресврт и би можела да доведе до „натамошно помирување меѓу заедниците во Косово“. Таа воедно нагласи дека судењето било фокусирано исклучиво на индивидуална кривична одговорност за воените злосторства извршени од Мустафа и дека ОВК и народот на Косово не биле предмет на тој случај.
Велт-Фоља оддаде почит на сведоците кои сведочеле на судењето, поради тоа што тоа го направиле во „сеопфатна клима на страв и заплашувања која во Косово трае до денес.“
Агенцијата АП пренесува дека ветераните од ОВК ги обвиниле жртвите дека соработуваат со Србите или не ја поддржуваат ОВК.
Салих Мустафа (50) беше уапсен во 2020 година во Косово и потоа префрлен во Холандија, каде му се судеше пред Специјализираните совети за Косово. Станува збор за суд основан специјално за обвинувањата за воени злосторства извршени во време кога побунетите Албанци се обединија во ОВК и во текот на крвавите судири во 1989/1999 година се бореа за отцепување од Србија, пишува АП.
Мустафа бил командант на герилска единица на ОВК која имала база во селото Злаш, близу Приштина, во која злосторствата се извршени во април 1999 година. Според пресудата, покрај тоа што командувал со единица вмешана во злосторства, Мустафа и лично малтретирал двајца заробеници. „Врз едниот од нив извршил лажна егзекуција, а исто така во повеќе наврати го тепал по целото тело“, изјави судијата.
Жртвата умрела поради големи мачења, ускратување медицинска помош и прострелни рани. Судот не можел да утврди кој пукал во жртвата, но пресуди дека малтретирањата и непружањето медицинска помош „исклучиво можат да се припишат на постапките и пропустите на Мустафа и неговите подредени.“
Пренесувајќи ја веста за првата пресуда на Специјалниот трибунал во Хаг, агенцијата АП укажува дека таа доаѓа во време на затегнати односи меѓу Косово и Србија. Посебно откако српскиот претседател Александар Вучиќ побара српските сили за безбедност да се вратат во отцепената бивша српска покраина, и тоа без оглед на предупредувањата од Запад, дека е мала веројатноста таквите повици да бидат прифатени, односно дека тие само ќе ги поттикнат тензиите во овој дел од Балканот.
извор: DW.
фото: DW.