Преговори за заеднички контроли на Граничен премин Табановце-Прешево

Денеска, (01.04.2025) се одржаa преговори за склучување на Договор меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце–Прешево. Државниот секретар Сашо Петрушевски ја предводеше македонската делегација во која партиципираа претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Царинската управа.
Преговорите отпочнаа со воведно обраќање на државниот секретар Петрушевски кој потенцираше дека односите меѓу двете држави се на исклучително високо ниво, во духот на добрососедска соработка и без отворени прашања.
Во своето обраќање државниот секретар најпрво ја искористи приликата да се заблагодари на Република Србија за преземањето и третманот на нашите граѓани кои беа повредени во неодамнешниот разорен пожар во Кочани.
Потоа се осврна на потребата од воспоставување на функционални, ефикасни и брзи гранични проверки, кои треба да придонесат во натамошното јакнење и унапредување на економскиот и стопанскиот развој на двете соседски и пријателски држави. Целта на овој договор е отпочнување на ONE STOP SHOP, со што реално се очекува скратување на времето за извршување на граничните контроли и намалување на гужвите и времето на чекање на граничните премини особено за време на годишните одмори. Од друга страна, брзите и ефикасни гранични проверки, во никој случај не треба да ја нарушат безбедноста на двете држави -изјави Петрушевски.
За време на преговорите, се разгледаа коментарите и забелешките од делегациите на двете страни, по што се пристапи кон финализирање на одредбите на договорот од аспект на сите институции и создавање на предуслови за негово потпишување од владите на двете соседни држави.