Премиерот Димитар Ковачевски го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата, соопшти денеска владината прес-служба.
Предлогот за реконструкцијата на Владата следува откако пред два дена Алијанса за Албанците го најави својот влез во Владата по преговорите со Ковачевски и СДСМ, а потврдата дојде од претседателот на Арбен Таравари по седницата на партиското Централно претседателство во Тетово, објави slobodnaevropa.mk.
За влезот во влада Алијанса за Албанците добива три министерства: Министерството за здравство, Министерството правда и Министерството за информатичко општество и администрација. Партијата исто така ќе ги добие заменичките министерски места за одбрана и за земјоделие, како и повеќе директорски позиции.
Според наведените кадровски решенија во владиното соопштение, за министер за правда е предложен предложен Кренар Лога.
За нов министер за здравство е предложен Фатмир Меџити, а за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.
Смена ќе има и во Министерството за животна средина и просторно планирање за кое е предложена Каја Шукова.
Исто така, за заменик министер одбрана, предложен е Тирон Јајага, за заменичка-министерка за правда, предложена е Викторија Аврамовска-Мадиќ.
За заменичка на министерот за земјоделство шумарство и водостопанство е предложена Вјолца Бериша, додека за заменичка министерка за здравство Маја Манолева.
За заменик министер за образование и наука е предложен Агим Нихиу.
За влезот на Алијанса за Албанците во Владата се зборуваше повеќе месеци. Откако првично беше негирано, потоа и од владејачката коалиција и од самата партија информираа дека имало вакви разговори.
Влезот на Алијансата во влада доаѓа во период кога треба да се носат уставни измени кои се услов за продолжување на преговорите со Европската унија.