За танго се потребни двајца, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања поврзани со односите со Бугарија и одлуката на бугарската Влада за прекин на железничкото поврзување со Северна Македонија.
„Наша задача е да работиме. Сега дали ќе има договор – за танго се потребни двајца. Треба да видиме и од другата страна како функционираат“, изјави Мицкоски.
Министерот за транспорт, Александар Николоски, ги објасни постапките на македонската Влада по одлуката на бугарската Влада да ги повлече парите планирани за реконструкција на делот на пругата Софија-Ѓуешево.
„Не треба само да се изгради тунелот и да се направи спојка со Ѓуешево, туку многу поважно е да се реконструира делот од Ѓуешево до Софија. Имајќи предвид дека соседите донесоа одлука да ги пренасочат парите за изградба на пруга од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на нивната посветеност, односно непосветеност, на изградбата на железничкиот Коридор 8. Исто така, паѓа во вода цела пропаганда што беше водена во изминатите 7 месеци против македонската Влада, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене, дека наводно имаме нешто лично против Бугарија и дека не сакаме да се поврзуваме“, изјави Николоски.
slobodnaevropa.mk