Претседателката на ДКСК, Димитровска доби мерки за претпазливост за предметот „Адитив“

Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција и определи мерки за претпазливост за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, која е осомничена во рамки на истрагата за предметот „Адитив“.

По распитот во обвинителството, Димитровска беше спроведена во Кривичниот суд, пред судија на претходна постапка заедно со уште две лица, чии имиња засега не се откриваат.

„Во однос на осомничената Т.Д. која доцна попладнево беше изведена пред судија на претходна постапка во однос на продолжување на акцијата во јавноста позната како “Адитив”, по нејзино произнесување во однос на предлогот на ЈО за определување мерки за претпазливост, донесено е решение со кое се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и се опредлуваат мерки за претпазливост, односно Привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и Забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело“, информираа попладнево од Кривичниот суд.

Претходно од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека во рамки на предметот „Адитив“ од прибраните докази е донесена Наредба за спроведување на истрага за уште три лица. Оттаму најавија повеќе детали во текот на утрешниот ден.

 

 

 

 

slobodnaevropa.mk