Најмалку 11 лица загинаа, а 75 се повредени во несреќата во рудникот за платина во Јужноафриканската Република, кога паднал лифтот што ги транспортирал рударите на површината, известува Анадолу.
Несреќата се случи синоќа, кон крајот на работната смена во рудникот за платина во близина на градот Рустенбург. Повредените рудари се хоспитализирани.
Нико Мулер, извршен директор на компанијата „Имплатс“ што управува со рудниците, изјави дека станува збор за „најмрачниот ден во историјата на ‘Имплатс’“.
Од компанијата наведоа дека е започната истрага за откривање на причините за паѓањето на лифтот.
Јужноафриканската Република е најголем светски производител на платина.
Во оваа држава во 2022 година во рударски несреќи животот го загубија најмалку 49 лица. Смртните случаи во јужноафриканските рударски несреќи се намалуваат последниве две децении. Во 2000 година во рудниците во оваа земја животот го загубија речиси 300 лица, објавија локалните власти.
извор: Анадолу.
фото: Анадолу.