И денес продолжува ерупцијата на вулканот Етна, кој се наоѓа на италијанскиот остров Сицилија, при што активноста може да се забележи од реонот на Адрано, во близина на Катанија, јавува Анадолу.
Новата ерупција започна пред три дена, кога од пукнатина на јужната страна на кратерот Бока Нуова, на околу 3.000 метри надморска височина, почна да излегува лава.
Во деновите пред ерупцијата вулканот покажа зголемена активност, како испуштање пепел и неколку мали стромболски ерупции од југоисточниот кратер.
Вчера областа околу селото Лингуаглоса беше погодена од сеизмички рој (криза), што дополнително го зголеми вниманието на вулканолозите.
До овој момент лавата се прошири на повеќе од два километра, а тоа е закана и за околните области.
Ерупцијата на вулканот и понатаму е активна. Лавата продолжува да истекува, а глетката е видлива од различни делови на Катанија, како и од Адрано.
Етна е најголем и најактивен вулкан во Европа. Неговите ерупции често се придружени со големи текови на лава, но ретко претставуваат опасност за населените подрачја.