Промовирана најновата книга на Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски „ОХРИДСКИОТ XIX ВЕК“

Денес во големата сала на Општина Охрид, беше промовирана книгата „Охридскиот XIX век“, на авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски, со што официјално започна програмата за одбележување на 120 годишниот јубилеј од Илинденското востание. Од името на локалната самоуправа пред присутните се обрати советникот Перчо Божиноски.

– Дозволете ми најправо во мое лично име и во името на градоначалникот Кирил Пецаков да искажам огромна почит кон авторите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски за нивната неуморна работа и нескротлива инспирација и да им заблагодарам за овој бесценет подарок, кој доаѓа како најубава честитка во пресрет на утрешниот празник.

Без сомнение, се работи за литературно дело, кое преку магијата на зборовите гради цврст мост помеѓу сегашноста и минатото и затоа треба да го прочита секој вљубеник во македонската книжевност и несомнено секој охриѓанец.

Особено сме горди што оваа книга е уште еден доказ за нашето вековено постоење и претставува чувар на нашата историја, а најзначајно е тоа што истата доаѓа во време на нашата современа борба за зачувување на македонскиот идентитет и македонската нација.

Посакувам и во иднина да промовираме уште многу вакви изданија, кои го промовираат Охрид како лулка на писменоста и центар на книжевноста и се вреден аманет за идните генерации.

Оваа можност сакам да ја искористам за да упатам најсрдечни честитки по повод Денот на Републиката – Илинден, нека биде вечен споменот на илинденците и нивното херојство, нека ни е вечен Охрид и нека ни е вечна Македонија – истакна Божиноски.

Промоторот на книгата, проф.д-р Лилјана Гушевска истакна дека 19 век не само за Охрид, тука и за Македонија е клучна и неисцрпна тема, која може да се набљудува и проучува низ различни аспекти.

-Оттука, не случајно и авторите на оваа публикација настојуваат да дадат една поширока слика за охридскиот 19 век, па на заинтересираниот читател му нудат можност да се загледа во проложните животописи на охридксиот 19 век, да прочита неколку интересни мемоарски записи, но и извадоци од прозни, поетски и драмски дела од современата македонска книжевност инспирирани од Охрид и од некои познати или помалку познати личности кои живееле во градот или го посетиле во некое време. Ваквиот концепт на книгата не само што овозможува накусо да се проследи историјата на Охрид и улогата на охриѓаните во историските процеси и случувања, туку и сето тоа да се согледа во една временска вертикала, односно да се осознае нивното влијание, значење и место во традицијата што е јасен показател за тоа дека тие личности, настани, идеи, процеси, борби и премрежја останале трајно врежани во колективната и индивидуалната меморија и тоа не само на охриѓани, но и во народното творештво наоѓајки одраз и во современата македонска литература посочи Гушевска.

За коавторот Славе Ѓорго Димоски содржината на книгата „ е жива варница која на некој начин и го подготвува тој илинденски период за национално, духовно и политичко ослободување на Македонија“.

-Тука почнува и преродбата. Во оваа книга јас повеќе се занимавав со литературата инспирирана од 19 век. Тука се поместени извадоци од две поеми и неколку песни од македонски современи автори. Тоа значи дека материјата што ја нуди овој град, ова поднебје, овој духовен реактивен центар дека е интересна и за современата литература и творци кои широкоградо се навраќаат кон темата Охрид. Ние со професорот Пандев во седум-осум книги направивме една вертикала од Свети Климен до денес. Сите кои ги имаат во раце овие книги може да ја видат таа духовна вертикала, а книгите ќе даваат поттик за идни истражувачи, идни научници да се зафаќаат со охридската тема– подвлече Димоски

Професорот Димитар Пандев посочи дека во оваа книга има некои прашања кои не се засегнати, но претходно биле дадени во некоја од претходните книги.

-Ја нема песната Охрид на Рајко Жинзифов, но затоа нејзе ја има во антологијата на песни „Дојди во Охрид“. Има одредени прашања кои и понатаму остануваат интерес за проучување. Како што постојат голем број недоречени прашања во смисла „Зошто Мисирков толку инсистира на охридското наречје во македонскиот литературен јазик. Бил ли Мисирков во Охрид?“. Тоа е една од оние книжевни фикции кои ги отвора оваа книга. Книгата „Охридскиот XIX век“ продолжува во една од нашите наредни книги, проекти на Општина Охрид, во која се зафаќаме со охридската поетска авангарда на XIX век -истакна Пандев.

Настанот беше збогатен со уметнички перфоманс на актерката Валентина Божиноска и ансамблот „Билјана“.