Пропадна ли италијанскиот договор со Албанија за мигрантите?

Во селото Ѓадер и пристанишниот град Шенѓин во северозападна Албанија сѐ е вратено „во нормала“. Една година по ратификацијата на контроверзниот договор со Италија за мигрантски центар, во објектите во Ѓадер и Шенѓин нема ниту еден мигрант. Договорот потпишан од Италија и Албанија во ноември 2023 година и ратификуван од албанскиот парламент на 22 февруари 2024 година, предвидува Италија да изгради прифатни центри за мигранти во Албанија во кои ќе бидат сместени до 36 илјади мигранти годишно додека во Италија течат постапките на проверка на нивните барања за азил.

Серија неуспеси за италијанската влада
Оттогаш во Албанија, во три различни групи, се префрлени само нешто повеќе од 70 мигранти – главно од Африка и Јужна Азија. Првиот брод со 16 мигранти беше испратен во Албанија на 16 октомври. Сите беа вратени назад во Италија откако судот во Рим пресуди дека трансферот е незаконски и дека нивното враќање во земјите на потекло може да прекрши заштита што им следува според меѓународното право. Следеа уште два трансфери, при што една група од осум лица беше испратена во Албанија на 8 ноември, а друга група од 49-мина на 28 јануари. Во двата случаи, Апелацискиот суд во Рим пресуди дека мигрантите не може да бидат задржани во Албанија додека Европскиот суд на правдата во Луксембург не пресуди дали земјите на потекло на барателите на азил се сметаат за безбедни за репатријација. Европскиот суд на правдата од 25 февруари заседава околу ова прашање, а пресуда се очекува за неколку месеци.

Набљудувачите ја напуштија Албанија
Во меѓувреме, претставници на италијанските власти, како и експерти на невладините организации кои ја следеа ситуацијата во Албанија, веќе ја напуштија земјата „на неодредено време“. Франческо Фери, експерт за миграција во „ActionAid“, беше дел од делегацијата што ги надгледува условите во албанските центри уште од нивното поставување. „Делегацијата од Таволо Асило е Имиграционе [што е национален сојуз на невладини и организации на цивилното општество кои се обидуваат да ги заштитат правата на мигрантите во Италија] спроведе мониторинг мисии во Албанија за да ги набљудува поставените објекти и контекстот во кој тие работат“, вели тој за ДВ. „Во моментов веќе не сме во Албанија, но продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата од далеку и подготвени сме да се вратиме за понатамошни активности за набљудување“, вели Фери.

„Исплашени, збунети и дезориентирани“
Сите 73 мигранти префрлени во Албанија се обиделе да стигнат до Италија или Малта со брод од Либија и, според Фери, „сериозно се плашат да не бидат вратени во нивните земји на потекло“. „Запознавме поединци кои беа исплашени, збунети и дезориентирани“, рече тој. „Тие не беа свесни за процедурите, не беа соодветно подготвени за да аплицираат за азил и беа во услови на изолација. Нивната ситуација јасно покажува дека албанскиот модел со себе носи системско прекршување на правата“, вели Фери.

Според веб-страницата Инфомајгрантс, италијанската влада сега ги разгледува плановите за пренамена на центрите. Една можна опција е трансформацијата на центрите во „објекти за репатријација“. Сепак, се чини дека и овој план ќе се соочи со отпор. И самиот Фери е строго против ваквата алтернативна употреба. „Мора целосно да биде отфрлена“, нагласува тој, „бидејќи ќе доведе до натамошни тешки прекршувања на човековите права. Ризикот за стабилизирање и проширување на овие структури останува реален, особено ако моделот на аутсорсинг треба да се повтори на друго место. Анализата на неговите резултати досега укажува дека дефинитивното затворање на овие центри е единствената алтернатива“, порачува Фери.

„Громогласен неуспех“
И покрај обидите на двете влади да направат договорот да профункционира, многу експерти и опозициски партии во Италија беа против него уште од првиот ден. Тие проектот го гледаат како злоупотреба на човековите права и – со проценета вкупна цена од 1 милијарда евра (1,04 милијарди американски долари) – исто така за губење пари. Ели Шлајн, лидерот на италијанската централно-левичарска Демократска партија, го опиша договорот како „громогласен неуспех“, ја повика италијанската премиерка Џорџа Мелони да си поднесе оставка и рече дека моделот за центар за мигранти во Албанија никогаш нема да профункционира.

Фери се согласува со тоа и вели дека „многу малку луѓе се префрлени, а и тие веднаш потоа беа вратени во Италија“. „Центрите останаа празни поголемиот дел од годината и за време на оперативните периоди беа домаќини само на многу ограничен број поединци. Организациските потешкотии, правни предизвици и политичкиот контекст го попречија имплементирањето“, заклучува Фери.

 

 

 

 

DW