Проширувањето на ЕУ – најдобар противотров за војната

Не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана, порача министерот Османи пред Комисијата за надворешни работи во ЕП

Иднината на Западен Балкан е внатре во EУ, и Западен Балкан не е заден двор на Унијата туку нејзин внатрешен простор. Ова е дел од пораката на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, во блог насловен „Време е да се оди напред во интеграцијата на  Западен Балкан во ЕУ“.

Оценката е дадена по неговите минатонеделни посети на Северна Македонија, Албанија и БиХ, а во неа тој потсетува дека лидерите на овие земји јасно ја осудиле руската инвазија на Украина и се приклучиле на санкциите на ЕУ против Русија.

„Видовме надворешно мешање кое се обидува да ги дестабилизира нашите соседи и да ја ослабне Европската унија, особено преку подмолните и добро документирани кампањи за дезинформација на Русија“, оцени тој, потенцирајќи дека „практичната помош за регионот и јасниот напредок кон интеграцијата во ЕУ се клучни за одржување на регионот цврсто да оди на патот кон ЕУ“.

На овие аспекти се осврна и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој вчера во Брисел се обрати пред членовите на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент (AFET).

„Руската агресија покажува на најтрагичен начин, колку е важно проширувањето на ЕУ и вградувањето на земјите од Западен Балкан за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот. Ние не бараме незаслужени награди, но би сакале нашата успешна приказна да биде валоризирана, особено во време кога на регионот, но и пошироко му требаат такви примери“, истакна Османи пред Комисијата за надворешни работи во ЕП.

За време на дискусијата, европратениците изразиле поддршка за евроинтегративните процеси на  Северна Македонија,  а било потенцирано и дека земјата се покажала како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на  воената агресија врз Украина.

Во рамките на посетата на Брисел, Османи се сретна и со Илхан Ќучук бугарски европратеник од групата на Алијансата на либералите и демократите за Европа, и известувач за  Република Северна Македонија  во ЕП.

„Ѝ честитам на Владата на Северна Македонија за нејзината конструктивна улога во НАТО. Земјата ја докажа нејзината евроатлантска посветеност со поддршката за Украина и подготвеноста да прифати бегалци. Северна Македонија постигна добри резултати во редица области, претрпе фундаментални промени и има опипливи и одржливи резултати во клучните области како што се борбата против корупцијата и организираниот криминал, преку стабилни и инклузивни демократски реформи и со преземање важни чекори за зајакнување на демократијата и владеењето на правото. Сметам дека владата на премиерот Ковачевски има потенцијал и добро наследство од претходната влада и ќе продолжи по патот на европската интеграција на Северна Македонија“, ја пренесе БТА изјавата на Ќучук на средбата со Османи.

Според известувачот за РСМ, напорите направени во последните месеци ќе дадат можност за заедничка иднина на двете земји во ЕУ.

Северна Македонија и Бугарија  ги поставија основите на нов процес на меѓусебни односи, чии резултати се надевам дека ќе ги видам многу брзо. Идејата дека постојните спорови меѓу двете земји не треба да се остават настрана, туку да се оди напред преку образованието, културата и економијата, не е воопшто лоша и сметам дека Северна Македонија и Бугарија треба да го искористат тој прозорец на можности. Позитивниот наратив е очигледен и го видовме при заедничкото чествување на Гоце Делчев во февруари. Сепак, во овие турбулентни времиња и точно 30 години од Договорот од Мастрихт, време е да размислиме за актуелните предизвици и идниот правец на европската интеграција. Сега повеќе од кога било, кризата во Украина нѐ потсетува дека на Европската унија ѝ треба повеќе единство, а проширувањето на ЕУ е најдобриот противотров за војната“, рече Ќучук.

Соработката на меѓуресорските групи од двете земји, на која се осврнува Ќучук, продолжува со несмален интензитет. Како што е најавено, претставници на владите на  Северна Македонија и Бугарија  денеска попладне во Софија треба да потпишат програми и меморандуми за соработка во областа на образованието и науката, туризмот, културата, младите и спортот.

Бугарската туристичка индустрија која досега претежно се рекламираше во Русија и Украина заради бројно присуство на тие туристи на крајбрежјето на Црно Море, поради воениот конфликт сега размслува рекламирањето за летната сезона да го пренасочи повеќе во  Северна Македонија,  Србија и Романија. Се очекува импулс во таа насока да даде и потегот на бугарската авиокомпанија „ГуливЕр“, која од крајот на март два пати неделно треба да има редовни летови на релација Софија-Скопје-Софија.

Истовремено, се преземаат повеќе активности за зајакнување на инфраструктурната поврзаност и економската соработка меѓу двете земји, а податоците на бугарското Министерство за економија и индустрија за економските односи Бугарија-РСМ во последните 5 години, што ги објави Бгнес, покажуваат дека трговската размена меѓу двете земји бележи нагорна линија. Во 2017 година трговската размена меѓу Бугарија и РС Македонија изнесувала 735,2 милиони евра, во 2018 година 742,8 милиони евра, во 2019 година 750 милиони евра. Во пандемиската 2020 година се намалила за 2% (738 милиони евра) но пораснала во 2021 година, кога од Бугарија била извезена стока за РСМ во вредност од 575,9 милиони евра. Бугарија кон PCM главно извезува нафтени масла, електрична енергија, суров или непреработен тутун, сончогледово масло, а увезува руди и концентрати на олово, цинк и бакар.

извор/фото: Дојче Веле