Северна Македонија е демократска држава каде што генерално се почитуваат политичките слободи, вклучувајќи ги правата на слобода на здружување, собирање и изразување, како и медиумскиот плурализам, се наведува во оценката на коизвестувачите на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за пост-мониторинг дијалогот со земјата, Сибел Арслан и Џозеф О’Рајли.
Во оценката направена по посетата на земјата, посветена на проценка на реформата во судството и изборната рамка, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и правата на малцинствата, Арслан и О’Рајли го поздравуваат напредокот постигнат во исполнувањето на обврските што произлегуваат од членството на државата во Советот на Европа.
– Задоволни сме од напредокот постигнат од Северна Македонија од последната Резолуција на ПССЕ за пост-мониторинг дијалогот во 2019 година, наведоа двајцата коизвестувачи.
Тие сепак, посочуваат дека се уште постои „итна потреба“ од реформа на изборната рамка во согласност со препораките на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ и Венецијанската комисија на Советот на Европа.
slobodnaevropa.mk