Рускиот претседател Владимир Путин му се извини на азербејџанскиот претседател Алиев за смртоносната несреќа на патнички авион која настана на 25 декември.
Путин на азербејџанскиот лидер Илхам Алиев на 28 декември му рекол дека руската противвоздушна одбрана била активирана за да се одбие наводниот напад со украински беспилотни летала додека авион на Азербејџан ерлајнс се обидел да слета во рускиот град Грозни.
„Во ова време Грозни, (градот) Моздок и Владикавказ беа нападнати од украински борбени беспилотни летала, а руската воздушна одбрана ги одбиваше овие напади“, се наведува во соопштението од Кремљ за тоа што му рекол Путин на Алиев.
Меѓутоа, во него не е наведено дека Путин спомнал оти руската воздушна одбрана е одговорна за соборувањето на авионот, поточно дали руски проектил го соборил авионот.
Кога патничкиот авион со 67 луѓе се урна на брегот на Каспиското Море во Казахстан рано на 25 декември, руските власти и државните медиуми беа брзи во посочувањето на можните причини: густа магла, удар од птица и потоа се појавија снимки кои покажуваат оштетување на моторот пред несреќата и експлозија на резервоар за кислород во кабината.
Но, сè повеќе докази покажуваат дека авионот на Азербејџан ерлајнс, кој се движеше од Баку за Грозни – главниот град на руската област Чеченија, можеби бил погоден од противвоздушна одбранбена ракета која бранела наводен украински напад со беспилотно летало врз Чеченија, пред да го премине Каспиското Море и да се урне во близина на Актау, Казахстан, при што загинаа 38 патници и членови на екипажот.
slobodnaevropa.mk