Путин во Курск, Украина навестува делумно повлекување

Во средата, шефот на Кремљ, Владимир Путин, отпатува во регионот за да ги посети војниците за прв пат по ненадејната украинска офанзива во август минатата година. Руската телевизија покажа дека Путин за ситуацијата во Курск бил информиран од началникот на Генералштабот Валериј Герасимов. Герасимов изјави дека Русија заробила 430 украински војници во областа Курск и дека во изминатите пет дена повторно се заземени и 24 населени места.

Раководството на Киев ја окупира областа во намера да изврши трампа при можни преговори со Русија, објасни началникот на Генералштабот. Покрај тоа, седуммесечното напредување имаше за цел да ги врзе руските сили. „Но, намерите на непријателот целосно пропаднаа“, истакна Герасимов.

Владимир Путин изрази очекување дека „регионот Курск наскоро ќе биде целосно ослободен од непријателот“. Заробените украински војници „треба да се третираат како терористи во согласност со законите на Руската Федерација“. Ова сугерира дека тие би можеле да се соочат со судења во руските судови и со децении затвор.

По територијалните загуби во рускиот пограничен регион Курск, началникот на украинската армија Олександр Сирски навести делумно повлекување на своите војници. „Во најтешката ситуација, мој приоритет беше и е да ги спасам животите на украинските војници“, објави Сирски на онлајн мрежата Фејсбук во средата. „За таа цел, доколку е потребно, единиците на одбранбените сили ќе се префрлат на поповолни позиции“, додаде тој, користејќи го јазикот што вообичаено се користи за објавување на повлекување.

„И покрај зголемениот притисок од руската/севернокорејската армија, ние ќе ја одржуваме одбраната во регионот Курск онолку долго колку што е соодветно и неопходно“, продолжи Сирски.

Украинската армија минатото лето неочекувано започна офанзива во областа Курск и првично презеде контрола над неколку стотици квадратни километри. Русија, како што тврди, сега успеала повторно да заземе големи делови од областите првично окупирани од Украина. Според Украина и нејзините сојузници, повеќе од 10.000 севернокорејски војници се борат за Русија во Курск.

 

 

DW