Путин во Северна Кореја за зацврстување на соработката меѓу двете земји

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Северна Кореја рано на 19 јуни, на почетокот на посетата, наменета за зајакнување на одбранбените врски меѓу двете земји во време кога Москва ја продолжува својата војна во Украина.

Путин на аеродромот во Пјонгјанг бил пречекан од севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, пренесоа руските новински агенции.

Руската телевизија го прикажа Ким како го поздравува Путин на црвениот тепих откако неговиот авион се спушти пред зори. Двајцата се ракуваа и се прегрнаа пред Путин да тргне во колоната.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази благодарност за „непоколебливата поддршка“ на Пјонгјанг на почетокот на самитот со севернокорејскиот Ким Џонг Ун.

„Многу ја цениме вашата доследна и непоколеблива поддршка за руската политика, вклучително и во украинската војна“, му рекол Путин на Ким на почетокот на нивните разговори, јавуваат руските медиуми.

Ким ги нарече односите меѓу Северна Кореја и Русија „блиско пријателство“.

Тој, исто така, вети „целосна поддршка и солидарност на неговата земја за руската влада, армија и народ во спроведувањето на специјалната воена операција во Украина за заштита на суверенитетот, безбедносните интереси и територијалниот интегритет“.

Москва го забрани терминот „војна“ за, како што ја нарекува „специјална воена операција“ во врска со нејзината неиспровоцирана инвазија на Украина или окупацијата и нелегалната анексија на Крим заедно со поддршката за вооружениот сепаратизам во источна Украина што започна во 2014 година.

Пред пристигнувањето, Путин рече дека ја цени цврстата поддршка од Северна Кореја за неговите воени акции во Украина, се вели во авторски текст што се појави во севернокорејските државни медиуми на 18 јуни.

Тој, исто така, рече дека Русија и Северна Кореја тесно соработувале за да ги надминат санкциите предводени од САД. Двете земји ќе продолжат „одлучно да се спротивставуваат“ на, како што рече, западните амбиции „да го попречат воспоставувањето мултиполарен светски поредок заснован на правда, взаемно почитување на суверенитетот, земајќи ги предвид меѓусебните интереси“.

Соединетите Американски Држави и нивните сојузници ја обвинија Северна Кореја дека и доставува на Русија оружје, вклучително и балистички ракети за употреба во Украина, што е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.

Путин во својот текст напиша дека Русија и Северна Кореја ќе развијат трговски и платежни системи „кои не се контролирани од Западот“ и заеднички ќе се спротистават на санкциите.

slobodnaevropa.mk