Шефот на Кремљ Владимир Путин предизвика огорчување со употребата на нова ракета со среден дострел во Украина. Тој ликува поради тоа и сака да започне со сериско производство на оружјето. „Никој друг во светот нема вакво оружје“, изјави рускиот претседател на состанокот со високи воени претставници и претставници на индустријата за оружје.
Одлуката за сериско производство била донесена и таа практично веќе е организирана. Москва ќе продолжи со тестирање на ракетата, вклучително и во борбена употреба, нагласи тој. Ракетниот напад врз Днипро го опиша како успешен тест.
На телевизиските слики се гледа дека Путин е видно задоволен. „Орешник“ не е модернизација на советската технологија, туку повеќе сведоштво за техничкиот напредок на руското инженерство и силата на одбранбениот сектор, рече тој. Притоа, системот Орешник не е ниту стратешко оружје, ниту оружје за масовно уништување, бидејќи може да се користи и на многу целен начин, додаде тој.
Според Москва, проектилот ќе лета со хиперсонична брзина и ќе биде недостапен за противвоздушните системи. Оваа информација првично не можеше да биде независно потврдена. Експертите претпоставуваат дека ракетата технички би можела да биде опремена и со нуклеарни боеви глави.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин за нови воени злосторства. Ако некој гранатира други земји не само за да ги тероризира, туку за да тестира нови ракети за понатамошен терор, тогаш ова е дефинитивно воено злосторство, тврди Зеленски во својот вечерен видео говор.
DW