Денес во работна посета на Општина Охрид, престојуваше амбасадорката на Република Хрватска во Македонија, Н.Е. Нивес Тигањ. Во разговор со градоначалникот Пецаков, беа разгледани повеќе теми и области за соработка помеѓу Охрид и Хрватска. Амбасадорката Тигањ ја изрази неподелената и искрена поддршка на Хрватска за Македонија во нејзините напори за приклучување на Европската Унија и понуди стручна помош во разговорите што Македонија ги има со европските институции.
Во вториот дел од средбата се приклучија и професорките од Факултетот за Туризам и угостителство од Охрид Иванка Несторовска и Вера Караџоска, директорот на НУ „Центар за култура Григор Прличев“ Горан Симоноски и претставници на општинската администрација. Во кратката дискусија беа разменети мислења за досегашната соработка со Хрватските градови, компании, образовни и културни институции, а беа изнесени предлози за подобрување и продлабочување на истата. Во таа насока беше идејата за воспоставување на чартер линија помеѓу Охрид и Дубровник, заеднички настап во промоција на Македонија и Хрватска и изнаоѓање начини за подобра економска поврзаност и соработка со хрватските компании.
Во наредниот период се очекува дел од изнесените предлози да добијат и конкретна форма, што ќе резултира со поголема поврзаност со пријателска Хрватска и хрватскиот народ.