Радев: Со Македонија немаме нерешени билатерални односи

Не станува збор за нерешени билатерални односи, не станува збор за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана, на заедничка прес-конференција со претседателите на Албанија и Македонија, држави коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

На состанокот на шефовите на држави и влади учесници во оваа иницијатива за регионална соработка, претседателката на Македонија,  Гордана Сиљановска Давкова,  нагласила дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не  извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата. Според неа, уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам.

„Овие постапки не само што го забавуваат  процесот на евроинтеграцијата,  туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа. Кандидатите за членство сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања. Наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на  Европската Унија и тоа мора да се смени за доброто на сите“, порачала Сиљановска.

Радев чувствувал разочарување кај Сиљановска

Радев на заедничката прес-конференција со Сиљановска и албанскиот претседател, Бајрам Бегај, одговори на ставовите на македонската претседателка.

„Чувствувам нотка на разочарување од она што го кажа претседателката Сиљановска за извесниот застој во процесот на европска интеграција на нејзината земја. Но тука не станува збор за нерешени билатерални односи. Не станува збор за наметнување вето или запирање на процесот и сопка од соседна земја. Напротив, на сите им е јасно дека во Европскиот консензус од 2022 година станува збор за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија“, изјави Радев.

Тој од албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера го презеде ротирачкото претседателство со ПСЈИЕ, кое ќе трае од 1 јули 2025 година заклучно со 30 јуни 2026 година.

„Бугарија, како долгогодишна и одговорна членка на ЕУ и како претстоен ротирачки претседавач со ПСЈИЕ, ќе продолжи да биде конструктивен и одговорен партнер во постигнувањето заедничка иднина, што е во интерес на сите граѓани на нашиот регион. Не само што ќе надградиме сè што е постигнато досега, туку ќе се стремиме да бидеме конструктивни, со визија и со одговорност да работиме на решавање на сите предизвици пред нашиот регион, пред кои сите сме исправени“, изјави Радев.

Потенцира дека активната соработка ориентирана кон резултати е клучна за регионот да се развива како место на безбедност, стабилност и просперитет, а приоритетите на бугарското претседателство ќе бидат насочени кон забрзување на европската интеграција на земјите од регионот, врз основа на нивните заслуги.

„Како најблиска и пријателска земја,  Бугарија има огромна желба и пружа рака да биде од помош,  за да можат државното раководство на Република Северна Македонија и општеството многу побрзо да се справат со предизвиците и да ги спроведат Копенхашките критериуми за членство. Во тоа е смислата на нашата соработка. Една заедничка цел – сите земји во регионот да се приклучат и да станат членки на ЕУ“, изјавил Радев, како што соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Рационални решенија и црвена линија

И покрај вербалните уверувања во добри намери и конструктивност на официјална Софија, неизвесно е дали ќе има средба на претставниците на Македонија и Бугарија на Самитот на НАТО во Хаг, кон крајот на месецов. Шефот на македонската дипломатија,  Тимчо Муцунски,  на вчерашната прес-конференција изјави дека сѐ уште не може ништо да се потврди околу иницијативата за средба на македонската претседателка со бугарскиот премиер Росен Жељазков, на тој самит.

 

 

DW