Разрешени директорите на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери

Собранието попладнево во рамки на 34. седница ја донесе Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров и на неговиот заменик Агрон Сефери. Донесена беше и Одлуката за разрешување на директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование Расим Зуфери.

Пред изгласувањето на одлуките претходеа куси расправи.

Талат Џафери и Блерим Беџети од ДУИ побараа да биде повлечена од дневен ред точката за разрешување на Глигоров и Сефери. Обвинија дека со ваквиот начин на разрешување власта потврдува дека врши партизација на администрацијата.

Според Џафери, претседателот на Законодавниот дом Африм Гаши не ја води седницата согласно Деловникот зашто дозволува директорот и замник директорот кои биле избрани на две различни седници, во два временски периода, сега да се разрешат на иста седница. Тоа првпат се случува, нагласи Џафери, укажувајќи му на Гаши дека прави парадокс.

-Ова е исто како да разрешувате министер и заменик министер. Но, така е кога претседателот работи со прирачник, а не со Деловник. Барам да ја повлечете точката и да предложите нова, како што треба. Секако не знаете, немате врска со Деловникот, ве води некој друг, вие треба да дадете оставка, не ја водите седницата правилно, според Деловникот, правите парадокс, истакна Џафери.

Беџети се надоврза со констатцијата декаова е злоупотреба на институциите и на државните органи.

-Ова е партизација на администрацијата, потврда дека со сила се диктираат сите институции што е спротивно на препораките од ЕК. Целта е евидентна, се праќа порака дека волјата на ова мнозинство е да прави диктат, да ја партизира администрацијата без ниту едно образложение. Тоа е диктатура. Директорот и заменкот се избрани на различни седници, и разрешувате сега на една седница, а притоа нема образложение пред јавноста. Требаше премиерот да ја објасни постапката, нагласи Беџети.

На Џафери и Беџети им реплицираше Малиша Станковиќ од Социјалистичка партија според кој, нема поголема причина за разрешување на Глигоров и Сефери од Извештајот на Државниот завод за ревизија кој утврдил незаконитости во работењето на Агенцијата за администрација.

kurir.mk