Материјалните услови и пренатрупаноста
во затворите не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди. Несоодветниот систем на управување со затворите и несоодветното работење на персоналот, недоволната кадровска екипираност, слабиот квалитет на здравствена заштита, насилството меѓу осудените лица, лошите материјални услови, недостигот на наменски активности и корупција се само некои од слабостите со кои се соочува македонскиот пенитенцијарен систем. Ова се наведува во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за затворските установи во Северна Македонија. Со ревизијата е опфатен период од 2021 до 2023 година, но и состојби пред и потоа, објави DW.
Нехигиена, влага и непријатна миризба
Државата со години наназад се соочува со сериозни критики од страна на Европската комисија кои се истакнати и во Извештајот за напредокот на Македонија за 2024 година. Согласно податоците објавени на World Prison Brief1
индексот на затвореничката популација во Македонија во однос на 100 илјади жители во период од 2010 – 2024 година се движи од 122 до 1402 осудени лица. Споредено со индексот на затвореничка популација во 57 европски земји, земјата се наоѓа на дваесетто место.
Ревизорите посочуваат дека најлоши се условите во приемното одделение и зградата амбуланта во затворот Идризово, каде има дотраени и несоодветни санитарни јазли, нефункционално осветлување, дупки во ќелиите, валкани и распаднати ѕидови, стари и нечисти душеци, недостаток на постелнина и основен мебел, ѓубре во ходникот и непријатна миризба. Во овие оддели во стандардна ќелија со големина од 14 m2 сместени се и над седум лица.Во периодот по извршениот теренски увид во затвореното одделение во КПД Идризово извршено е реновирање на едно крило со средства од донација и истото е пуштено во употреба.
„Во Затвор Скопје во одделни простории не се исполнети условите во однос на минималниот простор по осудено лице, односно се сместуваат и до 8 лица во простории со помал капацитет. Во затвореното одделение, а особено во притворското одделение не се исполнети ниту елементарните услови за хигиена“, наведуваат ревизорите, посочувајќи дека забележале речиси иста слика како во Идризово – нехигиена, непријатен мирис, стари душеци, влага.
Затвор Куманово, пак, има недостиг на вода, што влијае и на одржување на хигиената во просториите каде се сместени осудените лица. „Особено е несоодветна хигиената на санитарните јазли и тушеви, кои не се целосно функционални, а во услови на непостоење на чешми во собите на осудените лица, тие користат една чешма на кат за сите потреби. И во овој затвор не се исполнети условите во однос на минималниот простор за сместување по осудено лице“, се вели во извештајот, во кој се изнесуваат забелешки и за состојбите во затворот во Штип.

Сериозни притики за пренатрупаноста
Покрај преземените активности за намалување на пренатрупаноста на затворите, како што е Законот за амнестија
од 2023 година, со кој е спречено затворање на околу 800 лица осудени за прекршување на прописите за Ковид-19 и континуираниот развој на пробациската служба, индексот на затвореничката популација во Северна Македонија e висок. Според статистичките податоци на крајот на 2023 година изнесува 140 затвореници на 100 илјади жители. Во периодот од 2021 до 2023 година вкупниот број на осудени лица покажува тренд на пораст и тоа од 2.004 осудени лица во 2021 година, 2.227 лица во 2022 година, до 2.265 лица во 2023 година.
Во 2023 година од вкупно единаесет казнено-поправни установи, кај седум е надминат капацитетот за сместување, а пренатрупаноста е најмногу изразена во КПД Штип каде вкупниот број на осудени лица е поголем за 89, во Идризово за 64, во Затвор Битола за 33, а во Затвор Скопје за 29. Според ревизорите, пренатрупаноста на затворите негативно влијае на хигиената во установите, придонесува за недостиг на приватност и зголемување на случаите на насилство меѓу осудените лица.
Во извештајот на ДЗР се посочува дека постои недоволен број на припадници на затворска полиција со цел осигурување на безбедна средина во установите, што придонесува за зголемени трошоци за прекувремена работа. Установите се соочуваат со зголемени судски трошоци и исплати по извршни решенија, како резултат на неисплатените средства за прекувремена работа и останати додатоци на плата. Исто така, установите не располагаат со доволно безбедносна опрема, унифициран концепт за визуелно-електронско набљудување и одржување на видео надзорот.
Во извештајот се наведува дека, на пример, во Затвор Струмица во просек едно вработено лице е задолжено за 29 осудени лица, во КПД Идризово и Затвор Битола во просек едно вработено лице е задолжено за 20 лица, а во Затвор Скопје во просек за 15 лица. Овој сооднос е значително поголем заради потребата од ангажирање на затворската полиција во спроводи, претрес, посети, други ангажмани на затворската полиција, но и боледувања и други отсуства. Ревизијата извршила анализа и на бројот на ангажирани припадници на затворската полиција во една смена во КПД Идризово, при што утврдила дека во одредени високоризични делови соодносот меѓу затворската полиција и осуденичката популација е над 1:50.