Регистар за портали ќе има, но без правила за изборни реклами?

Во собраниска процедура се законски измени што дефинираат услови кои портали ќе влезат во нов регистар за медиуми, но неизвесно е дали тоа ќе го регулира и рекламирањето кај нив. Досегашната пракса покажа дека дел од парите во кампањите завршуваат кај портали што се формираат пред избори и потоа згаснуваат, кај сајтови што немаат импресум итн. Новинарските здруженија се децидни – потребна е регулација.

Порталите во Северна Македонија во закон ќе бидат препознаени како медиуми. Измените на Законот за медиуми се во собраниска процедура и тие наметнуваат неколку услови за еден сајт да биде заведен како медиум. Но, тоа нема да го спречи расфрлањето пари од државниот буџет за време на изборните кампањи, на што со години наназад алармираа новинарските здруженија нарекувајќи ја праксата и „озаконета корупција“.

За да се воведе ред во платеното политичко рекламирање во онлајн просторот, треба да се направат измени и во Изборниот законик.

Измени на изборното законодавство се подготвуваат и тие, според реформската агенда, треба да се донесат до јуни 2025, но нејасно е дали ќе го опфат и рекламирањето во кампањите.

„Работната група работи на измени на Изборниот законик. Кога ќе биде подготвена нацрт верзијата, јавноста ќе биде запозната со содржината и предложените решенија“, велат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Од Државната изборна комисија (ДИК), преку која оди исплата на рекламите, посочуваат дека тие постапуваат „согласно Изборниот законик“.

„Материјата која е предмет на прашањето треба да биде регулирано во Изборниот закон. Доколку се случат било какви измени кои се однесуваат на надлежностите и обврските на ДИК, ДИК соодветно ќе постапува и ќе ги применува во целост законските измени“, велат од ДИК.

 

slobodnaevropa.mk