Во овие моменти се врши претрес на една локација, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски гостувајќи во поткастот „Претрес“. Тој додаде дека две лица се приведени за убиството на лекарот кое се случи пред неколку дена во скопската населба Железара.
Се врши претрес на одредена локација. Имаме осомничени луѓе за убиството, има одредени материјални траги кои нè водат до овие осомничени, две лица се приведени и се надевам дека во најкратко можно време ќе можеме да излеземе со детали за овој дел од истражните дејствија, рече Тошковски.
Според првичните наоди, мотивот за убиството не бил поврзан со професијата.
Тошковски потенцираше дека од СВР Скопје се вложени огромни напори и дека за овој предмет се превземени 20-тина истражни дејствија, прегледани се над 50 камери и видео записи за 7 дена.