Република Српска денеска одбележува 33 години од формирањето

Во пресрет на централниот настан од тридневното одбележување на Денот на Република Српска, пораките за мир и соживот се испреплетени со оние за отцепување, како и со странски центри на моќ кои сакаат да го нарушат српското единство преку притисок врз РС и Србија. Српската делегација во Бања Лука годинава ја предводи премиерот Милош Вучевиќ, кој порача дека српскиот народ за сите клучни прашања мора да има политичко разбирање и единство. „Сѐ она што се случува во Бања Лука се прелева во Белград. Како и сè што се случува во Косовска Митровица, се прелева и во Република Српска. И обратно“, рече Вучевиќ, драматизирајќи го тоа со стиховите на Алекса Шантиќ, кого го замени со Ѓуро Јакшиќ.

„Де-србизација“ на Србија
„Она што се случува во Белград, Нови Сад и во други градови во нашата земја се прелева на нашите луѓе каде и да живеат. За жал, има и такви кои не се свесни за важноста на нацијата и националноста и чие однесување и антидржавно дејствување го одредуваат странски центри. Кои се радуваат на парализирањето на училиштата“, рече Вучевиќ, нагласувајќи дека поединци сакаат да ја „де-србизираат Србија“.

Ова не е првпат српските власти да ја користат Република Српска за одвлекување на вниманието од проблемите во земјата, како што се тековните студентски протести. Еден таков обид се случи кон крајот на минатата година кога Народното собрание на РС усвои низа заклучоци кои исто така повикуваат на единство и предупредуваат од опасност од странски центри кои сакаат да ја уништат РС.

Но, реалноста е сосема поинаква и се забележува во тоа што ниту еден акт не може да се донесе без согласност на сите три народи во БиХ, ниту пак одлуката за укинување или отцепување на Република Српска.

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, поднесе иницијатива до Советот на министри за прогласување на 9 јануари за ден на жалост. Тој вели оти тоа го сторил врз основа на иницијативата на Здружението на жртвите и сведоци на геноцидот и движењата „Мајките на енклавата Сребреница и Жепа“ и „Жените од Подриње“. Иницијативата не може да добие ентитетско мнозинство со оглед на потребата да гласаат и српските претставници. „Овој датум е симбол на етнички поделби, политичка сегрегација и погубните последици што доведоа до загуба на човечки животи, уништување на семејства и генерации кои ги претрпеа последиците за време на војната“, вели Конаковиќ.

Сигнали за мир
Освен што владата на државно ниво не функционира со месеци, бидејќи нема значаен напредок од март минатата година, министерот за безбедност во Советот на министри Ненад Нешиќ е во притвор заради проневера, што дополнително го отежнува функционирањето. Со оглед на тоа дека е отпочната иницијатива за разрешување на Нешиќ, ниту едно сценарио не води кон деблокада на оваа институција, вклучувајќи ја и иницијативата на Конаковиќ. Но, од РС порачуваат дека Бања Лука испраќа сигнали за мир и дека не се за никакви конфликти, но дека заради иницијативата на Конаковиќ и слични потези, за сѐ може да се размислува.

„И 33-та година по ред ќе им кажам. Ако не ја сакате Босна и Херцеговина, а очигледно не ја сакате, ние од Бања Лука ќе ве поддржиме да се разделиме и да живееме како добри соседи. Но, ние и овој пат, на 9-ти јануари, испраќаме пораки за мир“, вели премиерот на РС Радован Вишковиќ, кој ја презеде неформалната улога на организатор на комеморацијата, откако претседателот на РС, Милорад Додик, поради закрепнување од операција нема да присуствува на овогодинешното одбележување.

Сепак, по пресудата на Уставниот суд и санкциите за целото политичко раководство на РС, многумина сметаат дека владата на овој ентитет порадо би сакала да излезе од оваа приказна, особено откако не заживеа предлогот да се прослави Денот на РС на 15 февруари, заедно со Србија.

Угриз од поскок
„Додека мускулите беа надувани, додека сè уште имаше пари и ресурси за преговарање, тоа некако и беше можно. Сега и Додик гледа дека свечената парада е јамка околу неговиот политички врат. Затоа го нема ниту на свечената академија, ниту на дефилето. Невешто се обидоа 9-ти јануари да го заменат со 15-ти февруари. За среќа, тоа не успеа, па сега немаат каде – мора да го слават и да го одбележат она што порадо би го заборавиле“, вели новинарот на „Ослобоѓење“, Горан Дакиќ, кој во сè гледа колапс на системот.

„Република Српска не заслужи ваква влада. Таа не заслужи ни ваква опозиција. А се плашам да одговорам на прашањето дали нѐ заслужува и нас вакви какви што сме. Мнозинството би продале сè за власт или за оние кои се на власт, а тие што се на власт би продале сè (и продадоа сè) за да останат на власт. Едно свечено дефиле во таква атмосфера значи исто што и симетричен угриз од поскок на телото на покојник“, заклучува Дакиќ.

Манипулацијата со 9-ти јануари, како што смета сараевскиот професор Енвер Казаз, е показател дека менталниот мрак на власта мора да функционира така што ќе го прикрие своето вистинско лице и ќе бара можност за хомогенизација на нацијата.

„Се разбира дека Србија на Вучиќ сака да го оттргне вниманието од домашната политичка кризасо славењето на 9-ти јануари. Но, јас сум убеден во тоа дека овие млади луѓе, студенти во Србија, ја скршија националистичката матрица и дека таа веќе не може да се врати“, оптимист е Казаз, кој верува дека процесите што започнаа во Србија ќе се прелеат и во регионот. „Верувам дека 2025 година е година на трошење на националистичките наративи и година во која ќе доживееме значајни политички трансформации. Национализмот полека умира, но тоа умирање ќе биде долготрајно“, убеден е Казаз.

Осуда од меѓународната заедница
Има реакции и од меѓународните претставници, прво од ОХР и американската амбасада, а потоа и од Делегацијата на ЕУ во БиХ. Сите во ист тон. ОХР потсетува дека непочитувањето на одлуките на Уставниот суд може да претставува кривично дело според Кривичниот законик на БиХ. Високиот претставник наведува дека Уставниот суд на БиХ во својата одлука нагласил оти „изборот на 9-ти јануари како ден кој ќе се одбележува Денот на Републиката не симболизира колективна, заедничка меморија која допринесува за зајакнување на колективниот идентитет“, се вели во соопштението, во кое се истакнува дека сето ова предизвикува припадниците на не-српското население во РС да се чувствуваат како граѓани од втор ред. „Властите за спроведување на законот, Обвинителството на БиХ и полицијата треба да преземат соодветни правни чекори, особено во случаи кога јавни службеници или службеници учествувале во подготовка или организација на прославата на 9-ти јануари“, соопшти ОХР, што е можно откако високиот претставник Кристијан Шмит наметна измени на Кривичниот законик кои отворија можност за кривично гонење на сите учесници во организацијата.

„Уставниот суд на БиХ во повеќе наврати донесе одлука за неуставноста на одбележувањето на Денот на Република Српска на 9-ти јануари. Оваа одлука важи без разлика на тоа кој учествува во прославата. Не станува збор за славење на празник, туку за конкретниот избор на 9-ти јануари кој се совпаѓа со православен верски празник и прекршува неколку одредби од Уставот на БиХ кои забрануваат дискриминација“, соопштува американската амбасада во БиХ.

Од Делегацијата на ЕУ во БиХ ги повикуваат властите во РС да ја отфрлат провокативната реторика, нагласувајќи ја обврската за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Во 2015 година, Уставниот суд на Босна и Херцеговина го оквалификува како неуставно одбележувањето на 9-ти јануари како Ден на РС. Откако Народното собрание распиша референдум и последователно го усвои Законот за Денот на Република Српска, Уставниот суд го поништи и тој акт.

 

 

 

 

 

DW