Ризикот од нуклеарна војна расте

Девет држави поседуваат нуклеарно оружје – САД, Обединетото Кралство, Франција, Израел, Русија, Кина, Северна Кореја, Индија и Пакистан – и речиси сите во 2024 продолжиле со интензивни програми за модернизација, унапредувајќи го постоечкото оружје и додавајќи понови верзии. Тоа е едно од клучните сознанија од Извештајот за 2025 година на Стокхолмскиот меѓународен институт за мировни истражувања СИПРИ.

Деведесет проценти од нуклеарниот потенцијал – две држави
Истражувачите на СИПРИ заклучуваат дека од проценетите 12.241 нуклеарни боеви глави во јануари 2025 година, околу 9.614 биле во воени залихи: или поставени на ракети, или лоцирани во бази со оперативни сили, или во централни складишта од кои би можеле да бидат распоредени. Проценките велат дека 3.912 од овие боеви глави биле распоредени на ракети и авиони, а околу 2.100 биле во состојба на висока борбена готовност на балистички ракети. Речиси сите овие боеви глави, околу 90 проценти, им припаѓаат на Русија или на САД, но се проценува дека и Кина можеби сега има боеви глави на ракети.

Аналитичарите на СИПРИ предупредуваат дека сè повеќе држави размислуваат за развој или распоредување на нуклеарно оружје, со обновени национални расправи за нуклеарниот статус и стратегија. Тоа ги вклучува и новите договори за распоредување на нуклеарно оружје – Русија тврди дека распоредила нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, додека некои членки на НАТО во Европа покажаа подготвеност да бидат домаќини на американско нуклеарно оружје. Суштината е дека нуклеарните арсенали во светот се зголемуваат и се подобруваат.

СИПРИ проценува дека Кина сега има најмалку 600 нуклеарни боеви глави и дека нејзиниот арсенал расте побрзо отколку на која било друга земја. Се верува и дека Индија во текот на 2024 година малку го проширила својот нуклеарен арсенал, додека Пакистан продолжил да развива нови системи за употреба на нуклеарно оружје – односно ракети и други воени платформи со кои нуклеарните боеви глави може да се лансираат кон целите. Пакистан продолжил и со складирање фисионен материјал, кој е клучна суровина за производство на нуклеарно оружје. Израел, кој изврши напади врз ирански нуклеарни постројки на 13 јуни, во кои загинаа воени лидери и нуклеарни научници, и натаму ги крие информациите за сопствените нуклеарни капацитети. Сепак, се верува дека е во процес на модернизација на својот арсенал, како и унапредување на својот погоните за производство на плутониум во пустината Негев.

Крајот на нуклеарното разоружување – по распадот на СССР
Кон средината на 1980-тите, бројот на нуклеарни боеви глави, бомби и гранати во светот беше многу поголем отколку што е сега – околу 64 илјади парчиња. По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година и крајот на Студената војна, демонтирањето на повлечените боеви глави отстранети од нуклеарниот арсенал, одеше побрзо отколклу распоредувањето на нови. Но, судејќи според најновата проценка, трендот се чини дека се сменил. „Најмногу нѐ загрижува што долгорочното намалување на бројот на нуклеарни боеви глави завршува“, вели директорот на СИПРИ, Ден Смит за ДВ.

Меѓународната безбедност повеќе од деценија наназад се влошува
Иако е вообичаена практика државите кои поседуваат нуклеарно оружје да ги модернизираат и надградуваат своите капацитети, Смит вели дека процесот се интензивирал уште кон крајот на вториот мандат на поранешниот американски претседател Барак Обама (од 2013 до 20 јануари 2017 година) со поголеми инвестиции во нови генерации ракети и носачи. „Уште неколку години пред тоа, безбедносниот хоризонт во светот почна да се затемнува и државите со нуклеарно оружје веќе почнаа да воведуваат процеси кои би можеле да ги наречеме „интензивна“ модернизација, односно не само мало дотерување, туку сериозни и големи промени“, вели Смит.

 

 

DW