Роднините на загинатите во тетовскиот пожар бараат ново обвинение со нови обвинети, а во петок нов протест

Со барање за ново обвинение од Основниот суд, семејствата на загинатите во пожарот на модуларната болница во Тетово што настана на 8 септември 2021 година овој петок (8 септември) ќе организираат протест. Протесниот марш ќе започне во 14 часот пред модуларната болница, ќе продолжи кон центарот на градот сѐ до тетовскиот суд.

„Ние како семејства очекуваме ново обвинение. Од почетокот бараме правда и очекуваме правда, но во оваа држава се гледа дека нема правда. Но излегува вистината кој е крив. Јас спомнав неколку пати дека не се овие тројца, имаат нешто вина ама има и поголем синџир. Тие од ИРЛ новинарите ја извадија вистината кој е виновен, а кој не е виновен“, изјави Мумин Исмаили, кој во пожарот ги загубил братот и мајката.

Тој ги повика граѓаните да присуствуваат на протестот и порача протестот да не биде партиски, туку фамилиите да останат организатори.

Со последната одлука на Судот, на 5 јуни годинава, поранешните директори на Тетовската клиничка болница, Флорин Бесими и Артан Етеми добија 18 месеци условна затворска казна.

Тие беа осудени бидејќи предизвикале опасност за животот на пациентите и нивните роднини кои биле во болницата во критичниот момент. Според пресудата, тие нема да бидат во затвор доколку во период од три години не сторат ново кривично дело.

Докторот Бобан Вучевски, кој беше обвинет за непостапување според здравствени прописи во време на пандемија, на денешното изрекување на пресудата беше ослободен од вина.

Условни затворски казни за директорите за пожарот во модуларната болница во Тетово

Ова е втор протест во два месеца, откако минатиот месец Истражувачката репортерска лабораторија ја објави видео истражувачка сторија „Убиство во Тетово“ за пожарот во тетовската модуларна болница. Граѓаните во Тетово на 16 август излегоа на мирен протест во кој испратија пораки за разрешување на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, по што оставка од него побара и Платформата за борба против корупција.

извор: radiomof.mk