Рокас: Да се искористи моментумот за проширување на ЕУ

Северна Македонија треба да го искористи моментот на наклонетост кон проширувањето на ЕУ, порача евроамбасадорот Михалис Рокас во македонското Собрание. На заедничка седница на собранискиот Национален совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на чиј дневен ред беше Извештајот на ЕК за 2024 година, Рокас вели дека има вистински моментум и вистинска посветеност во овој период.

„Од наша страна сме посветени и подготвени да ви помогнеме да го изодите патот кон Европската Унија. Како што сите сведочевте во последните неколку извештаи од Брисел, има голем интерес и благонаклонетост кон Северна Македонија да се отвори првото поглавје во преговорите. Новиот претседател на Советот, новиот комесар за проширување и новиот потпретседател на Комисијата Калас, сите ја изразија поддршката за вашиот пат кон ЕУ,рече евроамбасадорот.

Според него, сите политички партии треба да придонесуваат за јакнење на улогата на Собранието како форум за конструктивен и инклузивен политички дијалог во насока на забрзување на реформите за членство во ЕУ. Тој им порача на пратениците да ја искористат на најдобар можен начин оваа можност, пред сѐ и над сѐ заради придобивките за граѓаните кои сакаат да бидат дел од Унијата.

Да се продолжи со реформите, да не се злоупотребува европското знаменце
Неговите укажувања се дека новиот собраниски состав треба да ја забрза својата работа и да продолжи со реформите, а изборите и именувањата „на одредени позиции во државни институции и агенции треба да бидат навремени и да се темелат на заслуга“. Европското знаменце при донесување закони да се употребува само кога се работи за закони за усогласување со законодавството на Унијата.

Оптимизам дека 2025 година може да донесе напредок во евроинтегративниот процес на Северна Македонија деновиве изразија и другите евроамбасадори коишто присуствуваа на работен појадок кај шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.

Проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан останува приоритет и на полското претседателство со Советот на Унијата, кое почна на почетокот на месецот. Во интервју за „360 степени“, вршителот на работи амбасадор на Полска во Северна Македонија, Мариуш Бримора, уверува дека Полска не се откажала од Балканот како дел од нејзините приоритети и нагласува дека неговата земја ќе ги продолжи и зајакне активностите за забрзување на пристапувањето на регионот во Унијата.

 

 

 

DW